БОЧВАРСКИ ИМ ЗАБРАНИ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ ДА ГИ ПОЛНАТ ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ ВО КАНЦЕЛАРИИ

0
622

Бочварски забележал дека има вработени кои си ги качуваат со лифт електричните тротинети и си ги полнат во канцеларија. (Фото:СДК.МК)

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на списокот со универзалните мерки за штедење што ги донесе Владата за сите државни органи, додаде и забрана за полнење на електрични тротинети во канцеларија.

На известувањето закачено на секое од нивоата на петкатната зграда на Министерството за транспорт и врски, покрај стандардните мерки, стои и: „забрането качување со лифт на веспи, велосипеди и електрични тротинети и нивно полнење во канцелариите“.

Владата ги задолжи државните институции од септември, т.е. од овој месец, да трошат 15 отсто помалку струја споредено со истиот месец лани и најави санкции за раководителите на институциите ако не се спроведе ваквата мерка за штедење на електрична енергија.

Мерките вклучуваат намалување на грејните тела и клима уредите, исклучување на осветлувањето на фасадите и гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина.

Согласно мерките, предвидено е исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се печатат само потребните материјали и да се заменат прозорците со енергетски ефикасни.

Во Министерството за транспорт и врски ни рекоа дека освен за качување-симнување поголема количина на материјали, лифтот речиси и да не се користи во зградата, а по скалите каде отсекогаш било тивко и мирно, веќе има гужва.

Мерките ќе важат до 31 март 2023 година.