Димитриевски: Искрено жалам што ја ставив во опасност пола влада, но настанот се „дува“ за наслови во медиумите

0
993

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во емисијата Стадион на Канал 77 изрази жалење поради средбата со премиерот Оливер Спасовски и министрите Венко Филипче, Бујар Османи и Арбер Адеми, по која тој доби позитивен резултат на Ковид-19 и ги стави во самоизолација владините претставници. Според него, целиот настан беспотребно „се дува“ и се користи за наслови во медиумите.

-Во оваа држава треба да постојат органи, нека утврдат одговорност. Јас, искрено, жалам за тоа што се случи, прво затоа што јас и моите соработници излеговме позитивни. Тестирањето беше скрининг, по проценка на епидемиолозите.

Единствениот проблем овде, можеби, е тоа што нема регулатива што го регулира сето ова, инаку никогаш ниту би посакал на некој да му се случи ова, ниту би сакал да доведам некого во ризик. За жал, направен е пропуст. Ние сите работиме под притисок, но суштината не е ова, има органи нека утврдат – рече Димитриевски.

Тој посочува дека прес-конференцијата после средбата ја тргнал заштитната маска бидејќи, како што вели, со неа тешко се зборува.