(ВИДЕО) Семејството Ѓурески мака мачи да обезбеди нега за болната ќерка

0
912

20 – годишната Валентина Ѓуреска боледува од церебрална парализа. Денот го поминува помеѓу четирите ѕида во старата куќа сместена во Припор. Ретко излегува од дома, освен на лекарски терапии и куси прошетки со количката во дворот. Додека Валентина како и секое дете мечтае за компјутер, родителите мака мачат да и обезбедат услови за подобар живот. Освен инвалидската пензија на таткото и посебниот додаток, семејството нема други приходи, пренесува Телма.

-Не можам да се воздржам, тешка ситуација имам голема, дваесет години се мачам со ова дете од државата немам никаква помош. Не можеш лекови да му купиш, тоа треба да се храни. Слабокрвно дете е, треба да му дадеш и јадење, лекови не можеш да му дадеш, треба да се лечи. Како да му ги дадам кога немам храна даму дадам, тешко е многу, вели мајката на Валентина.

Во февруари испратиле барање до Центарот за социјални работи во Кисела вода за добивање постојана парична помош. Иако законскиот рок за одговор е најмногу 2 месеци, тие го добиле во септември. На домашна адреса им пристигнало решение дека барањето е одбиено, бидејќи Валентина нема наполнето 26 години.

-Јас се обратив до Министерството за труд и социјала, тие не ми вратија ништо. Почнав и со жалба, а му следуваат на детето парична помош. Немаме уште одговор дали ќе му се додели или не, вели мајката на Валентина.

Со наод, оцена и мислење од стручна лекарска комисија, Валентина има потврда дека е неспособна за работа и со тешки пречки во телесниот развој. Тоа е и еден од условите наведени во Законот за социјална заштита за добивање постојана парична помош. Дополнително, таа е неспособна за работа и не може да обезбеди средства за егзистенција. Од надлежното министерство тврдат дека во тек е постапка за решавање на случајот на Валентина.

На два наврати биле одбиени и од општина Кисела вода за еднократка парична помош и асфалтирање на улицата до домот. За полесен пристап со инвалидската количка на Валентина до куќниот праг помогнале од Црвениот крст. Додека семејството очекува помош од државата, преживуваат благодарение на хуманоста на соседите и роднините.

Видеото ОВДЕ