БОМБА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ : КОЧО АНЃУШЕВ СТАВЕН НА ЦРНАТА ЛИСТА НА САД

0
277

Од Стејт Департментот велат дека како вицепремиер Анѓушев ја злоупотребил својата позиција за корист на своите приватни бизнис интереси. (Фото: СДК.МК)

Американскиот Стејт Департмент денеска го прогласи поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев за непожелна личност во САД поради, како што се вели во соопштението, негово учество во значителна корупција.

Од Стејт Департментот велат дека како вицепремиер Анѓушев ја злоупотребил својата позиција за корист на своите приватни бизнис интереси, поткопувајќи ја довербата на македонската јавност во владините институции. Анѓушев беше вицепремиер за економски прашања од 1 јуни 2017 до 3 јануари 2020, во владата на Зоран Заев.

„Денешниот потег демонстрира дека САД стојат покрај оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението.

Стејт Департментот, исто така, им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.

„Денешното ознаување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите. Ќе следуваат повеќе означувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени“, рече амбасадорката Анџела Агелер во изјавата што ја објави Амбасадата на САД во Македонија .

Неколку часа по објавувањето на одлуката на Стејт департментот, во соопштение Анѓушев, кој е сопственик и главен извршен директор на групацијата Феро Инвест и БРАКО, кажа дека „силно ги негира сите сомневања“ изразени во документот на Стејт департментот и рече дека ќе ја обжали одлуката и ќе ги искористи сите правни лекови наведени во самиот документ заради нејзино повлекување. Вели дека одлуката ја смета „за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“.

На црната листа на САД, поради корупција, од претходно се Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.