Анкета на МЦМС: СДСМ 22, 1% , ВМРО-ДПМНЕ 20, 4 %

0
1054

Вонредните парламентарни избори кои треба да се одржат во април 2020 година беа причина Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис” – Скопје (ИДСЦС) да ги проверат ставовите на граѓаните за актуелните политички случувања во земјата.   Денес ги објавуваме податоците од третиот (последен) дел на истражувањето кои се однесуваат на довербата на граѓаните во политичарите и партиите, односно нивниот рејтинг.

Најголем број испитаници (41,3%) рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, a 8,5% одбиле да одговорат на ова прашање или одговориле со „не знам”, со што речиси половина (49,8%) од граѓаните искажуваат целосна недоверба кон актуелната политичка елита. Другата половина од граѓаните, најголема доверба има во Зоран Заев (16,5%) и Христијан Мицкоски (14,2%). По нив следуваат, лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 6,9% и претседателот на државата Стево Пендаровски со 4,2%.

Речиси и да нема разлика помеѓу рејтингот на двете најголеми политички партии во државата, односно таа е во маргините на статистичката грешка. Актуелната партија на власт, СДСМ (22,1%) има благо водство пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ (20,4%). Рејтингот на ДУИ е 6,6%.

Доколку утре се одржат парламентарни избори за која политичка партија би гласале?

Политичка партија %

СДСМ 22,1

ВМРО-ДПМНЕ 20,4

ДУИ 6,6

Алијанса на Албанците 2,6

Левица 1,7

БЕСА 1,5

Алтернатива 0,8

ДПА 0,9

Друга 2,0

Ќе го поништам ливчето 2,8

Нема да излезам на гласање 12,6

Одбива да одговори 12,2

Не знам 13,8

Мнозинство од испитаниците одговориле дека сегашната Влада не ги исполнила нивните очекувања (64,5%) и 53,9% сметаат дека не заслужува да биде реизбрана во април. Но, нешто повеќе, 58,7% од испитаниците сметаат дека ни опозициската партија не заслужува да ја води следната Влада.

Податоците за оваа анкета беа прибирани со теренска анкета, во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година, на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници, а ја спроведе агенцијата М-проспект.