АЛ КАЕДА И ИС СО ПОВИК ЗА НАПАД НА ИЗРАЕЛ, САД И ЕВРЕЈСКИТЕ ЦЕЛИ

0
500
Терористичките групи Ал Каеда и Исламската држава ги повикуваат поддржувачите да ги нападнат Израел, САД и еврејските цели, што ја зголемува можноста да има нов терористички акт на Блискиот Исток или на Запад, пишува денеска лондонски „Гардијан“.

Одговорот на Израел на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври предизвика хуманитарна криза и досега загинаа повеќе од 4.500 луѓе, според медицинските претставници на територијата под контрола на Хамас, што предизвика бес низ исламскиот свет.

Сепак, Ал Каеда претходно беше критичен кон организациите како Хамас и Хезболах и нема значително присуство во Газа или на Западниот Брег. Иако делат исти цели и идеи, постојат идеолошки разлики, објаснува „Гардијан“ и додава дека Ал Каеда особено го критикувала учеството на двете групи во администрациите и владите. Во неодамнешната изјава, Исламска држава понуди совети за „практични чекори за борба против Евреите“, но го критикуваше Хамас за неговите врски со Иран и тесниот фокус на Израел. ИСИС повика на напади против Евреите насекаде, особено во Северна Америка и Европа.

Во неодамнешната изјава на Ал Шабаб, силен огранок на Ал Каеда во Сомалија, се наведува дека конфликтот на Блискиот Исток „не е само борба на исламските фракции на почвата на Палестина, туку и битка на целата муслиманскиот свет“. Други филијали на Ал Каеда во Јемен и Сирија објавија слични изјави. Минатата недела, водачите на британската разузнавачка служба МИ5 и американското ФБИ изјавија дека еврејските заедници може да се соочат со напади од поединци, Иран или милитанти.

Уште пред војната во Газа, европските власти предупредуваа на зголемување на исламскиот тероризам на континентот, потсетува британскиот весник. Директорот на МИ5, Кен МекКалум, рече дека постои ризик поединци, на сопствена иницијатива, кои станале радикализирани со читање пропаганда на интернет, да одговорат на „спонтан или непредвидлив начин“ во ОК, по терористичките напади врз Израел.