По повод Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп на прес-конференција на СДСМ ОО Прилеп од 22.02.2016 год.

0
1057

Почитувани од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп! Ме радува фактот кој Вие го потврдувате, дека Ви запнала за око иницијативата во ОО на СДСМ Прилеп, во насока на развивање на внатрепартиска конструктивна критика од членството на партијата, она претпознатливо „ другарите со/без кваки„.

Очигледно дека сме Ви ги отвориле очите за конечно да прогледате дека за разлика од Вашето партиско ¾-но раководство и Вашето членство во стилот на „Самоиловите војници„, кај нас преовладува дебата, критика и слобода во искажувањето на сопствениот став и самоиницијатива за подобрување на партиската активност. Дечки, Вашите херметички затворени врати зад кои до вчера успешно и непречено ја спроведувавте пропагандата на единство, непогрешивост, чесност и патриотизам започнаа да кородираат.

Кога напоменувам ¾-но раководство, мислам на таборите во кои Ве групираат Вашите локални партиски лидери, растргнати сте на три страни помеѓу Вашите партиски локални авторитети кои единствено што во овој период прават е да создадат што е можно поголема група на поддржувачи со кои би се издигнале на престојните парламентарни и наредните локални избори. Не Ви кажуваат дека веќе се истрошени и контаминирани од 10-годишната власт заедно со централните ликови од Вашата партија па единствено што посакуваат е да се спасат од бездната во која ќе бидат повлечени. Дечки, штосот кој веќе 10-години го користите, дека порано било вака или онака, во времето на опозицијата во Градот, повеќе не пали и од фактите кои ги нижевте во изминативе 10-ет години не се бега.

Темата „ЈЗУ Општа Болница БОРКА ТАЛЕСКИ Прилеп„ која предизвика реакција во јавноста со веќе незнам кој по ред трагичен исход, не вреди ни да се дискутира. Јас по однос на оваа тема, би Ве запрашал само едно прашање кое во вода ќе ги фрли сите Ваши фасади, реновирања, четки и рекламирања на квази успесите на досегашните директори во врска со болницата…

Како е можно после 10 години и од сите градови во нашата држава, само во нашата болница во толку краток период да има толкав степен на смртност на родилки и новородени деца? Исплашени дечиња/девојчиња, „другарите со една квака„ заедно со своите сопартијци од ОО на СДСМ Прилеп, ќе Ве чекаат на избори, но само на оние избори и само тогаш, кога избирачкиот список ќе биде кристално чист од сите Ваши валканици, кога на Вашите медиуми-вазали, Вашите локални лидери ќе застанат еден спроти друг со локалните опозиционери, за да ги кршат копјата со факти, аргументи и реална понуда за граѓаните на овој град.

И сосема за крај… Примете го достоинствено нашето искрено сочувство, за Вашиот трагичен крај на политичката сцена во Прилеп.

Со почит! „Браварот на Вашата слабост„

Пишува : Жарко Стеваноски