Анима Мунди: Ветеринарна амбуланта во Куманово незаконски им наплаќала на посвоителите

0
1496

Иако со закон е обврзана да не им наплаќа на посвоителите, туку парите да ги добива од Општина Куманово, ветеринарната амбуланта „Тодор Велков“, која е избрана да врши стерилизација на кучињата – скитници од Штип, Куманово, Кочани и околината, им наплаќа на посвоителите, алармира Анима Мунди.

fiskalna 2

Притоа Здружението бара да се затвори амбулантата и стационарот за кучиња-скитници, како и да се казнат одговорните.

Здружението до медиумите испрати две фискални сметки во износ од 8.050 денари и две од по 1.150 денари, како што вели, „платени од хумани луѓе, кои биле условени да платат за да успеат да извадат живи неколку бездомни животни од стационарот лоциран во кумановското село Четинце“. Ветеринарната амбуланта таму мора да ги врши зафатите за стерилизирање на кучињата – скитници.

– Ова е доказ за злоуопотреба на хуманоста, злоупотреба на граѓаните, најгрубо прекршување на законските надлежности, за што бараме институциите да извршат итен инспекциски надзор, при што ќе ги казнат одговорните лица. Потенцираме – освен што состојбата на животните е алармантно лоша (без храна и вода, во исклучително лоши хигиенски услови, надвор од населено место, без да бидат воопшто запазени минималните услови од Правилникот за технички услови на прифатилишта) овој стационар не ја спроведува програмата „Залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“. Јасно е како ден – жива глава спасуваат само животните за кои некој ќе отиде да моли и за кои ќе плати – велат од Анима Мунди.

Од Здружението порачуваат дека со наплаќањето, ветеринарната амбуланта го крши членот 28 став 5 од Законот за заштита и благосостојба на животните и кучињата ги продава по цена од 1.150,оо ден од куче, иако во законот јасно е наведено дека „Трошоците за заловување и третман на бездомни кучиња е на товар на општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје.”

– Бараме веднаш да се забрани работењето на ветеринарната амбуланта во однос на бездомните кучиња, да се затвори овој морничав стационар и најстрого да се казнат оние кои профитирале од хуманоста на граѓаните и финансиски ги оштетиле и ја злоупотребиле својата должност за која се платени – порачува Анима Мунди.