Специјалното јавно обвинителство (СЈО), иако тоа прашање беше поставено, денеска не кажа дали во изминатите седум години (од 2008 до крајот на 2015 година), освен политичари, новинари и бизнисмени биле прислушувани и амбасадори и дипломати во земјава, како и шефот на државата, Ѓорге Иванов.
Обвинителката Ленче Ристоска, иако не ја потврди, не ја ни исклучи можноста дека и Иванов и странски дипломати биле „таргет“ на осомничените, за кои денеска беше отворена истражна постапка која СЈО ја презентираше на прес-конференција.
Ристоска рече дека „во моментот не поседува податоци за тоа кој сè бил прислушуван“, но оти верува дека истрагата ќе даде одговор и на овие прашања. Таа елегантно го избегна директен одговор и се извлече со формулацијата: „Овие податоци сега не ги поседувам пред мене за да ви соопштам точно кој сè бил предмет на следење“.
За тоа дали и претседателот Иванов бил прислушуван, таа изјави дека „во овој момент не може да обезбеди таков податок“.
– Се разбира, ако има, дополнително ќе ве известиме, во моментов немам таков податок дали претседателот на државата бил таргет – рече Ристоска.
Извор: Мета