ПОКРЕНАТО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ТРАМП ВО СЛУЧАЈОТ СО ИСПЛАТА НА МИТО ЗА СТОРМИ ДЕНИЕЛС – ОВА Е ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА НА САД ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ ДА БИДЕ ОБВИНЕТ ЗА КРИВИЧНО ДЕЛО

0
390

Големата порота на Менхетен синоќа покрена обвинение против поранешниот претседател Доналд Трамп за исплата на кампањски средства на порно актерката Сторми Дениелс за да премолчи дека имала односи со него. Ова е првпат во историјата на САД поранешен претседател да биде обвинет за кривично дело.
Трамп за некои медиуми потврди дека во вторник идната недела добороволно ќе се предаде во полициската станица во Менхетн. Според процедурата тој треба да биде задржан, да му бидат одземени отпечатоци и да се слика за полициско фото како и сите уапсени. Потоа, со лисици на рацете треба да се појави пред судија и да се изјасни дали чувствува вина или не.

Обвинението е за ненасилен злостор па се очекува да биде пуштен да се брани од слобода без залог. Сепак, случајот е уникатен, бидејќи како експретседател, Трамп ќе дојде во придружба на тајната служба, па не се знае дали ќе му бидат ставени лисици. Новинарски екипи од САД и целиот свет уште сега се собираат пред судот во Њујорк да известуваат од овеј настан без преседан во американската историја.

Се уште не се објавени детали од обвинението покренато по повеќемесечна истрага на Окружниот обвинител на Менхетн, демократот Елвин Брег. Набљудувачите сметаат дека ова може да влијае врз плановите на Трамп да се кандидира за претседател. Тој претходно изјави дека нема да се откаже од кампањата и во случај да биде покренато обвинение против него, бидејќи отфрли секаква вина. Ветува дека ќе прави спектакл од сето ова. Минатата недела испушти бомба во јавноста дека ќе биде уапсен од полицијата, и дека поради тоа наводно се спремаат насилни протести, во меѓувреме интензивно собира средства за неговата кампања од подржувачите.