СЈО не потврдува, но не исклучува дека и Иванов и амбасадорите биле прислушувани

0
1403

Специјалното јавно обвинителство (СЈО), иако тоа прашање беше поставено, денеска не кажа дали во изминатите седум години (од 2008 до крајот на 2015 година), освен политичари, новинари и бизнисмени биле прислушувани и амбасадори и дипломати во земјава, како и шефот на државата, Ѓорге Иванов.

Обвинителката Ленче Ристоска, иако не ја потврди, не ја ни исклучи можноста дека и Иванов и странски дипломати биле „таргет“ на осомничените, за кои денеска беше отворена истражна постапка која СЈО ја презентираше на прес-конференција.

Ристоска рече дека „во моментот не поседува податоци за тоа кој сè бил прислушуван“, но оти верува дека истрагата ќе даде одговор и на овие прашања. Таа елегантно го избегна директен одговор и се извлече со формулацијата: „Овие податоци сега не ги поседувам пред мене за да ви соопштам точно кој сè бил предмет на следење“.

– За лицата што биле таргет поседуваме определни податоци, меѓутоа овие податоци сега не ги поседувам пред мене за да ви соопштам точно кој сè бил предмет на следење. Се разбира, се работи за поголем број телефонски броеви, чии сопственици треба и дополнително да ги утврдуваме. Како што ќе напредува истрагата, верувам дека ќе добиете одговори и на тоа прашање – рече Ристоска, одговарајќи на прашањето дали биле прислушувани и странски амбасадори.

За тоа дали и претседателот Иванов бил прислушуван, таа изјави дека „во овој момент не може да обезбеди таков податок“.

– Се разбира, ако има, дополнително ќе ве известиме, во моментов немам таков податок дали претседателот на државата бил таргет – рече Ристоска.

Извор: Мета