Оправдана е опсесијата со гаќите на швалерката, зашто од нејзиното расположение зависи и работниот успех на љубовникот, а неретко, зависи и работата на сите во поширокиот колектив каде што ете, ќе се припојави некоја си швалерка, а притоа ќе биде лансирана како “чудо од човека/ невидени талент/ wunderkind/ ма всушност – кандидат за Нобелова, јбт.”
Лично немам ништо против нечиј избор да се биде т.н. втора виолина. Уште помалку па, имам намера да МОРАЛИЗАМ околу тоа дали треба да се има швалерка или да се биде швалерка/ швалер. Напротив. Но , социјална катастрофа е , и реално Е СКАНДАЛ ако швалерките се платени со јавни пари (Оланд, Берлускони, Клинтон, Штрос Кан, Волфовиц се најекспонентни примери ) или кога во своите работни средини непречено напредуваат во кариерите само поради квалитативот -активно учество во супервизорско-субординирана врска.
Имено, швалерајот како во политиката така и во кои било работни односи создава последици во пошироката околина – на пр. создава нелојалната конкуренција, бидејќи привилегира едни, а дисциплининира други. Па така, швалерките/швалерите , полесно стигнуваат до вработување, за нив се е подостапно; со леснотија цицаат од државната дојка; па службенo патуваат; па се доедуцираат; па бонуси, па стипендии,па креираат јавно мислење , opinion make-ри де ги има по бомбиве ; и на крајот на ред стигнуваат гаќите и чорапите. Наспроти нив, постојат и такви кои не прифаќаат швалерски улоги и веруваат дека чесно може да заработат и да напредуваат во кариерата и слични глупости. Да, токму така: “сите не ја прифаќаат таа швалерска ролја”- оти , одговорно тврдам дека секоја жена – ама баш СЕКОЈА- независно дали е грда или убава, во својата работна средина не била соочена со објкетивизирање, или со барање да удоволи на некој од шефовите; или дека не била предмет на сексуално вознемирување; на шовинистички навреди; на екскомуникација од исти причини, да била уценета….
Како и да е , швалерај имало и ќе има, убедена сум дека не треба да им се суди на луѓето за нивните лични избори. Но, важно е да се знае дека, швалерските врски СЕКОГАШ НЕ се исклучиво ПРИВАТНА и ЛИЧНА РАБОТА, особено не ако ги етаблираат погоре споменатите последици! Затоа соочени со секс-скандали политичарите во светот оправдано се предмет на јавна критика и трпат последици. Во работните средини, слично, во многу земји, компаниите ваквите односи ги регулираат со посебни правилници за РАБОТНА ЕТИКА и често швалерските врски на работното место СЕ ЗАБРАНУВААТ, т.е. доколку се случат се применува правило – еден од љубовниците да ја напушти компанијата, преприпјатието или државната служба. На други места, слично, работната етика, од истите привилегирачки аспирации, не дозволува ниту брачни содружници да бидат во иста компанија и се применува правилото само “еден да работи”;забраната за непотизам, во овој правец, е само една варијација на оваа тема. Дури и македонската народна реч индиректно не упатува на слични позиции преку поговорката : …”таму каде што го вадиш лебот немој да го вадиш к…“; И така натаму. Со еден збор , и светската и македонската мудрост го сугерира истото, оти одамна се востановени штетните последици по другите за ситуации кога куплерајот не е само лична и приватна работа – туку се манифестира и спрема други субјекти.
Оттука, убедена сум дека покрај нужноста за одвојување на државата од партијата и од гатачката (Рамдани), еден од реформските приоритети треба да е и одвојувањето на ДРЖАВАТА / а и јавноста воопшто, од ШВАЛЕРАЈОТ СОСЕ ГАЌИТЕ.
Ана Чупеска-Станишковска
Извор : Либертас