КЗП: СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВА СВОЈАТА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊА

0
1235

Комитетот за заштита на правата изразува голема загриженост од постапувањето на Советот на јавни обвинители. Ова тело не постапува во согласност со законот и самоволно си додава надлежности кои не му припаѓаат односно ги пречекорува службените овластувања. Со вакво однесување целосно се разнебитува правниот систем во Република Македонија.

Противправното вмешување и обидот за блокирање на работата на Специјалното јавно обвинителство е правно насилие. Овој нечовечки акт за непосредна последица има малтретирање на обвинетите и семејствата, особено во случајот „Шпион“, во кој случај еден обвинет почина во текот на постапката, а неколкумина се потешко болни. Тие се најзасегнати затоа што за другите случаи за кои Советот наводно интервенира се предмет на аболиција!

Специјалното јавно обвинителство воспостави стварна надлежност врз случајот „Шпион“ согласно неговите законски надлежности врз основа на доставените материјали кои произлегуваат од прислушуваните разговори. За сето ова навремено е запознаен Апелациониот суд Скопје и Вишото јавно обвинителство, како и Основниот суд Скопје 1 и се остварува регуларна меѓусебна соработка, а тоа на Советот на јавни обвинители му е познато.

Во оваа смисла Комитетот го препупредува Советот дека нема потреба од никаква лажна загриженост по било кој основ. Обидот за навлегување во тајноста на истражната постапка и во доверливоста на содржините е без преседан и е тешка повреда. Членовите на Советот треба реално да бидат загрижени за почитувањето на уставните и законските гаранции за слободите и правата на обвинетите и за последиците од повредите од секаков вид.

Обвинителствата од било каков вид, специјални и редовни, треба да се грижат вистината да излезе на виделина. Тие во постапките имаат законска обрвска, во интерес на правдата, да се грижат за правата и на обвинетите. Додека не се разгледаат сите факти и околности кои произлегуваат од прислушуваните разговори не може да се оформи целосната слика за случаите и не може да се донесе правична и законита пресуда.

Комитетот ги поттикна и подучи обвинитите во случајот „Шпион“ да се обратат со протесни дописи, преставки и ноти до сите домашни и особено меѓународни институции и организации, во земјава и странство, кои работат на полето на правдата и човековите права. Очигледно е дека политичките манипулации во правосудството бескрупулозно продолжуваат без оглед на напорите за враќањето на нормалноста, владеењето на правото и неселективноста на правдата. Политичко-полициските монтирања во правосудството дрско продолжуваат! Историјата познава еден факт: правното насилие и неправдата, нечовечноста и инаетот може да роди само уште поголемо насилие!

За крај, една порака од една стара мајка на обвинет, која на крајот од првостепеното судење на случајот „Шпион“, крикна „Каде ќе ви оди душата“!?

 

16.04.2016, Скопје

Комитет за заштита на правата

Координатор, В. Цветанов