Парите (а најмногу оние буџетските) се отепувачка

0
918

Подготвеноста на актуелната власт во Македонија да се бори за да остане на својата позиција дури и по цена на физичко истребување, единствено мора да се бара во дискрецијата да располага со јавните односно народните пари. Груевски заедно со својата фамилија и пред се со амин на Ставревски, минатите десет години успеаа да потрошат со свој потпис околу 30 милијарди евра, пари собрани од граѓаните на оваа држава.

kire-naumov1

Нетранспарентниот начин на трошењето на овие пари е базата за коруптивното однесување на оваа власт. Сите афери за кои слушнавме и посебно оние кои ќе се разоткриваат во периодот кога власта ќе падне, ќе покаже дека најмалку 10 до 15 проценти или околу 4 милијарди евра преку коруптивните канали завршиле на сметките на блиските до фамилијата и клиентелистичката фукара.

Која е гаранцијата дека оние следните нема да бидат исти?

Постои само една гаранција, а тоа е волјата да направите систем во кој функциите нема да бидат примамливи. За било која државна функција да стане неатрактивна за било кој партиски војник, постои едно единствено и едноставно решение: цивилна контрола на трошењето на јавните пари. Во СДСМ тоа го расчистивме и излегуваме со сосема јасен концепт. Сега би нафрлил само неколку поенти кои многу упростено и се надевам разбирливо би се обидел да ви ги доближам.

Доколку СДСМ ја добие довербата да ја води идната влада веднаш ќе воспостави систем за транспарентност на исплатите од страна на сите институции кои трошат буџетски средства. Тоа подразбира дека сите министерства, агенции, јавни претпријатија или било кои други институции кои буџетски се финансираат, ќе мораат секои 14 дена да ги објават на својата веб страница сите исплати по сите можни основи кои се оствариле во изминатите 14 дена. Значи, во петок до 16 часот, секоја институција ќе мора да ги наведи правните и физичките лица на кои им е извршена исплатата, основот по кој е извршена таа исплата заклучно со датумот на доспеаноста на обврската и сумата на исплатените средства. Ова подразбира табела на сите потрошени пари од овие институции почнувајќи од оние најголемите врз основа на големите набавки, па заклучно со тоа каде министерот, директорот или раководното лице ручало или вечерало на сметка на државата во наведениот период.

Ваквиот систем на транспарентност ќе овозможи јавна односно народна контрола на секој потрошен народен денар најдоцна 7 односно 14 дена откако тоа ќе се реализира. Тоа веднаш ќе го анулира рекетирењето врз компаниите кои сега со провизии си ја купуваат исплатата на своите доспеани фактури. Компаниите повеќе нема да се „лажат„ дека си должат меѓусебно со оправдание „чекам да ми плати државата„. Нема да биде потребно никакво „истражувачко новинарство„ за да се утврди кој од функционерите колку пати оди на службен пат, кој лета со вип класа и во каков хотел спие. Овие табели ќе го разголат владеењето на секој функционер од финансиски аспект. Секоја злоупотреба моментално ќе стане достапна за јавноста и ќе биде осудена од нејзе и воедно лесно и брзо ќе добие правна разрешница. Со сигурност веб страниците на сите овие институции ќе бидат најпосетуваните на денот кога ќе излегува најновата објава.

Паралелно со ова, исплатата на субвенциите на земјоделците мора да стане транспарентна на соодветниов начин. Во моментот на исплатата на субвенциите веднаш јавно ќе бидат објавени имињата на субјектите и основот по кој на било кој корисник му биле исплатени средствата. На сосема ист начин УЈП(МФ) ќе ги објавува ДДВ обврзниците на кои им е исплатен поврат на ДДВ во соодветниот период. Овој принцип ќе важи и за сите останати институции и нивните трансфери.

Во моментот кога ќе се направи ваква контрола на располагањето со финансиите, неопходна е и контрола на вработувањата. Секоја од погоре споменатите институции ќе мора да ја објави својата систематизација, името и презимето на секој вработен на соодветното место во дадената систематизација и неговата плата. Во истите термини кога ќе ја објавуваат табелата за извршените исплати, секоја институција ќе мора да ги наведе евентуалните нововработени, да го покаже нивнато место во систематизацијата и секако конкурсот и критериумите по кои тој бил примен. Со тоа во најкус можен рок по доаѓањето на новата власт најпрво ќе се преброиме колку луѓе и кои луѓе во моментов работат (или не работат) и земаат плата од државните пари.

Воедно, секој функционер сто пати ќе размисли како ќе преживее во петок во 16 часот кога цела јавност ќе види дека решил да вработи лице по основ на непотизам, пријателство, партиска или бизнис релација.
Кога ќе воспоставите ваков тип на граѓанска контрола на трошењто на јавните пари заедно со транспарентноста при донесувањето на буџетот за што би пишувал во некоја следна прилика, остануваат уште укинувањето на побаналните привилегии за да дојдеме до состојба во која поголем број на луѓе ќе бегаат наместо да се тепаат за некоја функција. На пример, освен можеби премиерот и неколку министри од областа на безбедносните ресори, никој друг нема никаква потреба да има службено возило кое ќе го користи за патување до и од своето работно место. Сите останати министри, директори и останати функционери врз кои има ингеренции владата, без исклучок треба да си користат сопствен превоз до работното место, а користењето на службено возило има основа само доколку во текот на работните активности има исклучиво службена потреба.

За ова и сличните неопходни мерки со кои идната власт мора да се саморазвласти за да бидеме сигурни дека ова зло нема никогаш да ни се повтори, продолжуваме во следната прилика.

Кире Наумов