Амбасадорот на САД Џес Бејли во изјава за медиумите пред ЕУ инфоцентарот вели дека одлуката на претседателот да не го додели мандатот е разочарувачка за САД и го повика Иванов уште еднаш да ја разгледа својата одлука.
Оваа одлука не кореспондира со демократските вредности и владеењето на правото, изјави амбасадорот Бејли.
Во исто време Бејли ги повика и соседите на Македонија да бидат конструктивни земајќи ја в предвид политичката ситуација во Македонија.
Утринава Бејли испрати порака и на Твитер со која покажа дека САД и ЕУ се на иста линија кога се работи за Македонија:
„Се согласувам со еврокомесарот Јоханес Хан. Загрижен сум дека Македонија се оддалечува од принципите на демократијата и на владеењето на правото, суштински вредности на НАТО“, напиша Бејли на Твитер, споделувајќи ја синоќешната порака на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој напиша дека „во една демократија, парламентарното мнозинство мора да биде признаено, дури и ако тоа не му се допаѓа некому.“