Бејли: Одлуката на Иванов е разочарувачка за САД, веднаш да ја преиспита одлуката, а соседите на Македонија да бидат воздржани

0
1389

Амбасадорот на САД Џес Бејли во изјава за медиумите пред ЕУ инфоцентарот вели дека одлуката на претседателот да не го додели мандатот е разочарувачка за САД и го повика Иванов уште еднаш да ја разгледа својата одлука.

Оваа одлука не кореспондира со демократските вредности и владеењето на правото, изјави амбасадорот Бејли.

Во исто време Бејли ги повика и соседите на Македонија да бидат конструктивни земајќи ја в предвид политичката ситуација во Македонија.

Утринава Бејли испрати порака и на Твитер со која покажа дека САД и ЕУ се на иста линија кога се работи за Македонија:

„Се согласувам со еврокомесарот Јоханес Хан. Загрижен сум дека Македонија се оддалечува од принципите на демократијата и на владеењето на правото, суштински вредности на НАТО“, напиша Бејли на Твитер, споделувајќи ја синоќешната порака на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој напиша дека „во една демократија, парламентарното мнозинство мора да биде признаено, дури и ако тоа не му се допаѓа некому.“