Фактор: На Заев му недостигаат уште 50 евра од ветената просечна плата, но имаше и пократок мандат

0
861

Просечната нето плата исплатена по вработен во декември 2019 година изнесува 26.836 денари, објави Државниот завод за статистика, пренесе Фактор.

А пред да дојде на власт, оваа политичка гарнитура ветуваше дека во земјава на крајот на нејзиниот мандат просечната нето плата ќе достигне 500 евра, или 30.000 денари.

Тоа значи дека ветувањето не се исполни за 3.164, или речиси за точно 50 евра.

Од СДСМ за Фактор како објаснување го даваат фактот што тие немаа цел мандат од четири години, туку досега тие реално се на власт нецели три години, или конкретно 2,8 месеци.

Од таму нагласуваат дека за три години колку што се на власт, просечната плата се зголеми за над 4.000 денари, што е рамно на 68 евра.

Ќе биде интересно да се види каква ќе биде понудата на СДСМ за просечната плата за наредниот мандат доколку ја добие довербата од граѓаните.

Инаку, според објавените податоци просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, бележи раст од 4,1 отсто, а зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите транспорт и складирање за 12,4 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 12 отсто и градежништво  за 11,9 отсто. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите стручни, научни и технички дејности за 9,3 отсто, информации и комуникации за 8,4 отсто и објекти за сместување и сервисни дејности со храна  за 6,8 отсто. Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во декември 2019 година, изнесува 39 932 денари.