ОСОВРЕМЕНУВАЊЕ НА ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС, ЗАЕВ: ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ ГИ ЗАМЕНУВА ПЕЧАТЕНИТЕ УЧЕБНИЦИ

0
774

Премиерот Зоран Заев од Тетово повторно порача дека учебници ќе има покрај нивните дигиталните форми, а процесот на дигитализација е давање шанса на развојот.

Осовременувањето на образованието, според премиерот, е важно и за лицата со посебни потреби.

“Уште еднаш сакам да потенцирам дека давајќи му шанса на развојот не треба да правиме драма од се’. Прво и трето одделение никој пат нема да имаат дигитални книги за да ги врземе децата со книгата. Почнуваме оваа година од четврто одделение, догодина ќе бидат четврто и петто, после тоа четврто, петто и шесто. Оваа година од 1. септември учениците покрај тоа што ќе имаат учебник пред себе – пишан, хартија, ќе имаат и дигитален” -рече Заев.

Според него, можностите се огромни со оглед дека учење по пат на видео, на слики, на практични примери останува трајно во паметењето, со напомена дека учебниците ќе останат.

“Апелирам до сите како знаеме да им ги тутнеме телефоните и компјутерите на децата за играчки во раце и ние да си ја вршиме родителите нашата работа, дајте малку да ги научиме и образованието да го учат паралелно, напоменувам, покрај тоа што ќе имаат пишани учебници. Ја следам навистина целата оваа дебата што се случува овде. Јас знам дека е, и јас сум бил некогаш ученик, бојкот од избегани часови тоа е најлесната работа. Ама ние родителите заедно со децата мораме да имаме одговорност затоа што светот оди напред, дигитализацијата постои насекаде” – посочи Заев.