НОВ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ, ШАХПАСКА: СО СУБВЕНЦИИ ЌЕ СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ ОД 128 ИЛЈАДИ НЕФОРМАЛНО ВРАБОТЕНИ

0
773

Повеќе од 128 000 неформално вработени лица во државата во изминатиот период се соочуваат со ефектите од пандемијата со Ковид-19, но нивниот број би можел да биде поголем имајќи предвид дека многумина ја изгубија својата работа во изминатата година. Најпогодени се секторите каде што се проценува дека има најмногу неформално вработени лица, како земјоделството, градежништвото и услужните дејности. Ова се дел од наодите изнесени во рамки на “Анализата за ефектот од Ковид-19 врз работниците кои се дел од неформалната економија и привремено вработените работници, преку предлог мерки за нивна поддршка” презентирана денеска во рамки на настанот организиран од Аналитика тинк-тенк.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска информираше дека во моментов интензивно се работи на новиот системски закон за работни односи и оти една од важните цели на законот претставува формализација на неформалната работа преку обезбедување на флексибилност на пазарот на трудот.

“Според податоците што го имаме од Државниот завод за статистика, анализата покажува дека учеството на неформално вработените на вкупниот пазар на труд во 2019 година изнесувал 16,05% и тој е намален за 2,55% во однос на периодот од 2018 година. Последните податоци за 2020 година се’ уште ги немаме” – рече министерката.

Анализите на Министерството исто така покажуваат дека најголем дел од неформално вработените лица се во земјоделието, градежништвото, услужните дејности.