СПЕЦИЈАЛНИОТ ПРАТЕНИК НА ЕУ ЗА КОСОВО, ЛАЈЧАК: ОВА ЌЕ БИДЕ ДОБРА ГОДИНА ЗА ОДНОСИТЕ НА ЕУ СО ЗАПАДЕН БАЛКАН

0
618

Специјалниот пратеник на Европската унија за Косово, Мирослав Лајчак смета дека 2021 година ќе биде добра година за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, а заменикот помошник-државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер очекува дијалогот меѓу Косово и Србија да заврши со меѓусебно признавање на двете држави.

Словачкиот и американскиот дипломат овие изјави ги дадоа на прес-конференција на крајот од официјалниот дел од дводневната посета на Косово, на која го најавија продолжувањето на дијалогот меѓу Приштина и Белград со средба во Брисел во наредните неколку денови на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во однос на европската перспектива на Западен Балкан, претставникот на ЕУ најави средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата на 22 јуни и самит во октомври оваа година.

Американскиот претставник за регионот рече дека САД  го поддржуваат дијалогот меѓу Приштина и Белград и очекуваат тој да заврши со меѓусебно признавање на двете држави. Палмер нагласи дека САД се партнер во процесот и дека визијата за регионот е да се унапреди дијалогот до постигнување конечно решение.