СДСМ ЌЕ СЕ ПОДДРЖУВА СО АЛБАНСКИТЕ ПАРТНЕРИ ВО ВЛАСТА И НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ЗАЕВ: ВО НЕКОИ ОПШТИНИ ЌЕ СЕ ПОДДРЖУВАМЕ ВО ПРВ КРУГ, А ВО ДРУГИ ОПШТИНИ САМО ВО ВТОР КРУГ

0
1190

Соработката меѓу партиите на Албанците на власт ДУИ, БЕСА и ДПА со СДСМ ќе се рефлектира и на локално ниво. На редовните локални избори наесен, партнерите на владината коалиција СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА ќе се поддржуваат едни со други во одредени општини. Како што најави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, соработката ќе биде во две фази, некаде коалициите меѓу нив ќе функционираат во првиот, а некаде во вториот круг од изборите.

“Да, отворени сме за соработка со ДУИ, БЕСА и ДПА, тие се трите партии на Албанците со кои сме во коалиција. Имаме општини каде логично е сите да настапиме со најдоброто што го имаме. А кој ќе влезе во вториот круг, после тоа да се поврземе. Некаде ќе застанеме еден до друг уште во првиот круг, затоа што очекувам добри номинации на кандидати и од нашите партнери, како што очекувам да ги прифатат и нашите кандидати за да застанат уште во прв круг позади нив” – изјави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев во интервју за Тв Клан.