СО ПОГЛЕД СВРТЕН КОН ИДНИНАТА ПОСТИГНАВМЕ ЧЛЕНСТВО ВО НАТО, ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ СО ЧЕСТИТКА ЗА НОВА ГОДИНА: ГРАДИМЕ МОСТОВИ И ЗАЕДНИЧКА ИДНИНА СО МЕЃУСЕБНАТА ДОВЕРБА НА СИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ

0
1135
Премиерот Зоран Заев за новогодишните празници, на сите граѓани им упати честитка за многу достигнувања исполнети со здравје, радост и со среќа.
“Почитувани мои сограѓани, на крајот од 2021 година и пред почетокот на идната, сакам уште еднаш да ви испратам најубави желби и да се заблагодарам за довербата што ми беше дадена. Јас верувам дека лидерството треба да произлегува од довербата, а не од силата. Останувам непоколебливо уверен дека заедно со Вас, со огромно мнозинство на народот во 2017 година, зад нас ги оставивме најцрните страници од нашата независност до денес и дека ги отворивме бескрајните можности за нашата земја и за сите нас” – објави Заев.
Тој е уверен дека заедно со граѓаните е припадник на една генерација која што е автор на некои од нашите најважни историски страници од македонската сегашност и иднина.
“Се изборивме да нѐ прифатат како држава со јасен национален идентитет затоа што македонската граѓанска идеја е во секој пулс на срцето на секој Македонец и секоја Македонка и на секој еден граѓанин на нашата заедничка Северна Македонија. Со поглед свртен кон иднината постигнавме членство на нашата суверена држава во НАТО како најсилен воено-безбедносен сојуз на демократските и прогресивни земји и со отворена покана за членство во Европската Унија” – смета премиерот Заев.
Тој упати благодарност до сите наши сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници кои што покажаа другарско и братско разбирање.
“Ќе стои во учебници поддршката што Македонците ја добиваат од своите сограѓани овој период. Таа поддршка, тоа разбирање за заштитениот македонски идентитет е од огромно значење за градењето едно општество. Мостовите што ги градиме денес се крвотокот на нашата меѓусебна доверба и на нашата заедничка иднина. Во тој дух да гледаме на новата година како на ново поглавје од нашето заедништво” – објави премиерот Заев.