СЛОВЕНЕЧКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ПАХОР СО НАЈАВА ПРЕД ПРЕЗЕМАЊЕТО НА СЛОВЕНИЈА НА РОТИРАЧКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЕУ: ТРЕБА ДА СЕ ЗАБРЗА ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ КОН ЗАПАДЕН БАЛКАН

0
963

Претседателот на Словенија, Борут Пахор изјави дека треба да се забрза проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан и изрази очекување дека ќе биде испратена единствена порака до Брисел од претстојниот самит.

На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, Пахор рече дека тој е во посета на земјите од регионот со цел подготовка за самитот, што треба да се одржи в понеделник.

“Сакав да се консултирам со сите за идејата што произлегува од нацрт-заклучоците од таа конференција, дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е геополитичко прашање и неопходност и дека мора да се одвива побргу и дека ЕУ мора да го има пред очи целиот Западен Балкан. Би било одлично кога сите земји од таа област ќе влезат во ЕУ во исто време” – изјави Пахор.

Тој исто така рече дека мирот и стабилноста на Западен Балкан може да се зачуваат само со релативно брз влез на сите земји од регионот во Европската Унија.

“Некои чувствителни билатерални прашања меѓу земјите во регионот ќе бидат полесно решени или ќе станат ирелевантни ако сите земји се приклучат на ЕУ во најкус можен рок” – рече Пахор.

Запрашан за изјавата за алтернативна промена на границите, Пахор одговори дека не верува оти е можна мирна промена на границите во оваа област.