ИСПРАВНА ОДЛУКА ЗА ЗАШТИТА НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС: ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ОДЛУЧИ ДА НЕ ГО ПОТПИШЕ УКАЗОТ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИТЕ И ЌЕ ГО ВРАТИ ВО СОБРАНИЕ ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА СПОРНИТЕ ТОЧКИ

0
757

Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.

“Врз основа на член 75 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со член 38 став 2 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија, ве известувам дека одлучив да не го потпишам указот за прогласување на законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 11. мај 2021 година. Мојата одлука да не го потпишам указот за прогласување на законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на законот, при што утврдив дека текстот на законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби што произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на законот нема општествена оправданост, односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт” – се вели во писменото соопштение од кабинетот на Пендаровски.

Според Пендаровски, текстот на законот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, каде што владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот и нашиот правен поредок. Имено фактот дека со овој закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење што е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9 став 1 од Уставот, во кој е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51 став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Претседателот е убеден дека усвоениот закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние што не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани што при градење објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку уште повеќе стимулира непочитување на правните прописи. Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напори нашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните.