ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ СЕ СРЕТНА СО БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ РАДЕВ НА НАТО САМИТОТ: СЕ БАРААТ НАЧИНИ ЗА НАПРЕДОК НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
654

Премиерот Зоран Заев во завршницата на Самитот на НАТО во Брисел оствари средба и со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.

На средбата присуствуваа заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и министерот за одбрана на Република Бугарија, Георги Панајотов. Во фокусот беше перспективата за реален исчекор во евроинтеграциите за Република Северна Македонија.

И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот развој во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј.

На средбата била истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната, и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и размената на кадети меѓу двете земји.

На средбата беше договорена и посета на премиерот Заев на Софија во текот на оваа недела.