ПОТРЕБНО Е ДА СЕ ИЗБЕГНЕ ПОЛИТИЧКА НЕИЗВЕСНОСТ КАКО ВО БУГАРИЈА, ПЕНДАРОВСКИ: ЌЕ ОРГАНИЗИРАМ ЛИДЕРСКА СРЕДБА САМО АКО ДВЕТЕ СТРАНИ ИМААТ ПОДДРШКА ОД ПО 60 ПРАТЕНИЦИ

0
814

Претседателот Стево Пендаровски смета дека државата е во политичка криза.

“Она што мене ми се чини дека ќе биде уште полошо од оваа тековна политичка криза е ако во наредниве денови не добиеме јасно мнозинство на некоја од овие две страни кои се обидуваат да дојдат до 61 пратеник” – рече претседателот Пендаровски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21.
Во тој случај можеме да влеземе во неизвесност по бугарско сценарио за неможноста да се формира нова политичка Влада.

Претседателот Пендаровски смета дека загубата на Град Скопје на локалните избори не смеело да биде повод за премиерот Зоран Заев да се повлече од политиката. Оваа политичка криза е предизвикана по потегот на премиерот за повлекување.

Шефот на државата рече дека неколку пати разговарал со Заев околу причините за оставката. Според него, мотивите и причините за оставката на премиерот Заев не се само политички туку се и длабоко лични.

“Јас мислам дека независно од последните најави од вчера дека тој ќе остане уште извесен период, јас мислам дека неговото повлекување од политиката е прашање на месеци” – убеден е Пендаровски.

Реалноста сега е дека политичкиот капацитет и за коалицирање и за менаџирање на процесите во рамки на СДСМ со години наназад е најголем кај Зоран Заев.

Претседателот Пендаровски ќе организира лидерска средба само доколку двете страни имаат по 60 пратеници во Парламентот и не можат да формираат мнозинство ниту едните, ниту другите.

“Кај нас е парламентарен систем, не е претседателски. Можам, ако не дај Боже влеземе во пролонгирана криза, претпоставена да двете страни имаат по 60 пратеници, и да ги викнам да им кажам дека мора да се најде решение. Ако се изгласа мнозинство, моите рокови се јасни, 10 дена имам за давање на мандатот. И да нема енергетска криза, премногу време губиме за било која реформа и уште тоа недостасува да се направи да имаат сите по 60 пратеници. Но тоа би било во подоцнежна фаза, не сега” – изјави Пендаровски.

За утрешната собраниска седница и за тоа кој ќе добие мандат, претседателот рече дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор.