МИНИСТЕРСКИТЕ ФУНКЦИИ СЕ ОД СЕКУНДАРНА ВАЖНОСТ, ОСМАНИ: СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ СТАБИЛИЗИРА ВЛАДИНОТО МНОЗИНСТВО ОТКАКО ЌЕ ЗАВРШАТ ПРЕГОВОРИТЕ НА ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ

0
1048

“Неспорно е новото стабилно мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде објавено наредната недела” – изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со австрискиот министер за европски и меѓународни работи, Михаел Линхарт.

“Најважно е што Република Северна Македонија не дозволи да биде дел од проблемот, бидејќи не успеа обидот од пред неколку денови земјава да влезе во политичка нестабилност и да стане дел од проблемот, а не дел од решението, односно и таа да има дел од вината за не изнаоѓање на решение и за не започнување на преговори. Новото стабилно мнозинство е апсолутно неспорно и тоа ќе се случи наредната недела. Има неколку опции до тоа ново мнозинство и во моментот се случуваат тие разговори и преговори за постигнување на тоа мнозинство. Ќе повторам, многу е важно дека рационалните политички сили, па и пратеници одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива. Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата” – рече Османи.

Тој смета дека бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска, а како ќе се реализира мнозинството, за тоа се разговара со сите политички партии.

“Наредните денови тој мозаик на парламентарното мнозинство ќе се реализира и ќе се надминат сите проблеми и предизвици” – изјави министерот Османи.

Тој исто така додаде дека министерските позиции се секундарни и ќе следат по оформувањето на мнозинството.