ЛЕСНО Е ДА СЕ РАСКИНАТ ДОГОВОРИТЕ СО СОСЕДИТЕ, ТЕШКО БЕШЕ ДА СЕ ПОСТИГНАТ, ЕРОЛ РИЗАОВ: ПОТРОШИВМЕ 30 ГОДИНИ И НЕКОЛКУ ГЕНЕРАЦИИ ЗА ДА ГИ НАДМИНЕМЕ ПРЕЧКИТЕ

0
1368

КОЛУМНА НА НОВИНАРОТ ЕРОЛ РИЗАОВ

Опасни предлози за поништување на договорите со соседите

Колку и да е разбирлива огорченоста и лутината за неисполнетите ветувања на Европа за почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Македонија, многу се поопасни и штетни предлозите и идеите за раскинување на склучените и ратификувани договори со соседите Грција и Бугарија. Во време на силна дипломатска активност на Брисел и на Вашингтон да се најдат заемно прифатливи решенија со Бугарија, конечно да почнат преговорите, ваквите сѐ почести популистички и партиски мотивирани предлози, искажани јавно од компетентни личности, поранешни високи владини функционери и дипломати, можат да предизвикаат катастрофални последици по државните стратегиски интереси.

Едно е да зборувате што е неприфатливо, а сосема друго е да се бара поништување на договореното. Секој договор има клаузула за раскинување. Многу е лесно да се раскинат договорите, тешко беше да се постигнат. За тоа Македонија потроши 30 години и неколку генерации. Големата примамливост на пропагандите за раскинување на договорите, поради чувството на граѓаните дека сме измамени, е на задоволство и од полза на сите противници да ја видат Македонија како членка на ЕУ. Тоа во крајна линија би било големо олеснување и за Брисел и за сите други што ја поддржуваат Македонија на европскиот пат, ако по наша вина превладаат вакви безумни блокади. Дури и ако не се остварат, што е најверојатно, штетите можат да бидат ненадоместливи. Нема полошо решение од тоа Европа и Америка и сите наши поддржувачи, да кренат раце од нас поради еден ваков безумен акт.

Како да не брзаме, кога доцниме со децении?

Заговорниците и пропагаторите за поништување на договорите со Грција и со Бугарија јаваат на оправданото незадоволство на граѓаните, иако добро знаат дека во изминатите три децении изградбата на целиот општествен, политички, економски, парламентарен и законодавен систем, вклучувајќи го и Уставот, почиваат на западноевропските закономерности и вредности. Целата национална стратегија за сестраниот развој на Македонија е планирана на темелните определби за остварување на евроатлантските интеграции. Сето тоа со голема леснотија се доведува во прашање со шарлатански и необмислени, по многу нешта и злонамерни јавни настапи на личности, не само од политиката, туку и од науката.

Втората опасна идеја, која исто така во моментот паѓа на плодно тло, ја лансира лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека не треба да брзаме. Притоа Мицкоски во својата партиска битка искажува голема контрадикторност. Од една страна вели преговорите со ЕУ треба веднаш да почнат, а од друга – дека не треба да брзаме. За какво брзање станува збор ако доцниме со децении поради веќе многу добро познатите причини, кога цели 11 години сами ги блокиравме преговорите со ЕУ и членството во НАТО со потрагата по нов антички идентитет и пославно минато.

Изгубеното време во суштина е и најтешкиот и најограничувачки фактор за европеизацијата на Македонија, при што со секоја изгубена година штетите се огромни.

Ако нешто во овие мигови ѝ е неопходно на Македонија, тоа е мудрост, единство и храброст да се дојде до компромис кој нема да наштети на националните интереси и посебности. Токму со Преспанскиот договор се докажа дека е тоа можно. Во изминатите четири години, откако е потпишан договорот со Грција, Македонците и Македонија не загубија ништо од својата посебност, од националниот идентитет и од јазикот за кој се креваше исто толкава врева и тревога како што е сега со Бугарија. Напротив, компромисите само ги зајакнаа идентитетските чувства и посебности.

ИЗВОР: Deutsche Welle