КУРСОТ НА ДРЖАВАТА ЌЕ ОСТАНЕ ИСТ И ПО ЗАМИНУВАЊЕТО НА ЗАЕВ ОД ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА, ДИМИТРОВ: СО ЗАЕВ ИСКАЧИВМЕ ГОЛЕМА ПЛАНИНА ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

0
776

Вицепремиерот Димитров во интервју за “Утрински брифинг” рече дека Американците се важен фактор во регионот и се главен партнер на Европа во контекст на НАТО.

“Регионот е прилично разнишан. Ескобар вели дека кај нас се прекршува инструментот на проширувањето, дали е тој реален или не е реален” – рече Димитров.

“Мислам дека мораме да учиме од искуството, оти ние немаме кабает за тоа што не сме почнале преговори. Мораме да ја штитиме нацијата и да не шириме лажна надеж. Ескобар вели дека сега влогот станува преголем. Ако нема преговори за интеграција, пораката е:  џабе решавате проблеми и тоа е многу сериозно за регионот” – смета Димитров.

Сега се чека формирањето на новата бугарска Влада за да можат да продолжат разговорите. Во однос на тоа дека Министерството за надворешни работи на Бугарија ќе го добие човек од партијата на Слави Трифонов кој има ригидни ставови кон земјава, вицепремиерот Димитров смета дека не треба да се зборува пред време.

“Неблагодарно е да се зборува пред рака, треба да се разговара со новиот министер. Она што е добра вест, доаѓа од Скопје дека ние имаме усогласеност со опозицијата дека преговорите со ЕУ треба да започнат” – рече Димитров.

Тој тврди дека и по заминувањето од премиерската функција на Заев кој остави силен печат врз целата иницијатива за решавање на спорот со Бугарија, курсот на земјата ќе остане ист.

“Курсот ќе остане. Секој политичар си носи свои политики, со Заев ја искачивме големата планина со Преспанскиот договор. Како земја сме пред раскрсница, ќе направиме сѐ што можеме да дојдеме до достоинствен излез од оваа мака што има потенцијал да ја смени атмосферата во целиот регион, но за жал, не исклучувам и негативно решение” – рече Димитров.

Димитров смета дека не е можно одвојување на Северна Македонија и Албанија во моментов, бидејќи ние ја чекавме Албанија кога таа беше заглавена во холандскиот Парламент и странските партнери не се расположени да поддржат разделување на двете земји.