КОРУПЦИЈАТА ГИ ПОТКОПУВА ДЕМОКРАТИЈАТА И ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, БИЛЈАНА ИВАНОВСКА: ПОСТОЈАТ ВИСОКИ РИЗИЦИ ЗА КОРУПЦИЈА ПОРАДИ ПОЛИТИЧКИ ВЛИЈАНИЈА, НЕКАЗНИВОСТ И ЗЛОУПОТРЕБА НА ДИСКРЕЦИОНИ ОВЛАСТУВАЊА

0
912

“Како најголемо општествено зло, корупцијата ги поткопува демократијата и човековите права, продирајќи во сите сфери, особено онаму каде што ќе наиде на личности со изразено чувство за личен интерес, алчни, суетни, со желба за моќ и влијание без интегритет и без етичност. Оттука главната заложба на ДКСК е градење на силни институции, преку јакнење на личниот интегритет на службените лица кои со своето законито, независно, непристрасно, етичко одговорно и транспарентно вршење на работните обврски, ќе се спротивстават на корупцијата, чувајќи го својот углед и на институцијата во која работат и придонесуваат” – изјави Билјана Ивановска, претседателка на Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата, 9-ти декември.

“Овие наши заложби не го даваат очекуваниот резултат, пред сѐ поради фактот што сѐ уште се високи ризиците од корупција што ги детектиравме при подготовка на Националната стратегија пред повеќе од две години. Тоа се силно политичко влијание, неказнивост, нетранспарентност и злоупотреба на дискреционите овластувања. Поради постоење на овие ризици, не се целосно испочитувани препораките и укажувањата што ДКСК ги упатува кон останатите институции на системот” – истакна Ивановска.