ЕУ НЕ ГО СФАЌА БАЛКАНОТ СЕРИОЗНО КАКО ШТО ТОА ГО ПРАВАТ САД, ЕДВАРД ЏОЗЕФ: ФРАНЦУСКОТО ВЕТО БЕШЕ ИСТОРИСКА ГРЕШКА, А БУГАРСКОТО ВЕТО Е ПРЕДАВСТВО ОД ЕУ КОН СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
1121

Американскиот професор Едвард Џозеф е поврзан интензивно со Македонија уште од 2001 година за време на конфликтот кога беше известувач за Меѓународната кризна група. Џозеф беше и еден од меѓународните актери во Босна и Херцеговина во 90-тите и учесник во повеќе рунди на српско-косовските преговори. Денес предава на Универзитетот за напредни меѓународни студии “Џон Хопкинс”.

Во интервју по одржувањето на Преспа форумот за дијалог, тој ги искажа своите размислувања за политичките настани на Балканот.

Тој го нарече ветото на Макрон за Северна Македонија историска грешка, а блокадата на Бугарија ја смета за предавство на ЕУ.

“Визијата за целиот регион е дека Западен Балкан ќе биде дел од Европа, а всушност тој е дел од Европа. Стратегијата на Западот и визијата е дека тој ќе стане дел од Европската унија. Премисите се дека вие го направивте тоа што беше побарано. Кога требаше да ги решите вашите потешкотии со соседите, вие ги решивте. Тоа беше договорот. И оваа земја го направи тоа. Тоа го направи со Преспанскиот договор, не беше лесно, но беше направено со достоинство за двете земји. Македонија го промени своето име и сега тоа стана обврска на ЕУ. Грција направи отстапки за македонскиот јазик, македонскиот народ” – така ја искажа поддршката професорот Џозеф за Северна Македонија.

Тој тврдеше дека ЕУ се однесува без доволна посветеност и без стратегија во пристапот кон земјите од Западен Балкан. Поради тоа, тој и јавно беше остар во односот на ЕУ кон сите овие земји.

“Главната работа е што ЕУ не го зема предвид фундаментално и сериозно регионот. Тоа беше поентата на мојот настап на овој настан. Ако ЕУ сака да биде сфатена сериозно, мора да го сфати Балканот сериозно. Ова е одличен пример за тоа што се случува во Европа. Јас зборував како Американец и реков како би можеле ние да ја сфаќаме ЕУ сериозно, ако таа не го сфаќа сериозно Балканот. Ова е многу кратковидо и со недостаток на посветеност” – критикуваше тој.

Потоа остро ја критикуваше и Бугарија бидејќи нејзините барања кон Северна Македонија ги смета за неевропска вредност.

“Како и врз која основа Бугарија е способна да каже дека Македонците не се тоа што тие мислат дека се и дека македонскиот јазик е дел од бугарскиот? Тоа не се европски вредности. Сѐ додека тие се потпираат на нивното достоинство за јазикот и идентитетот и вие имате право да се потпирате на вашето достоинство. Тоа се историски работи и нив нека ги расправаат историчари со добра волја. Дури и ако најдат точки за кои не се согласуваат, треба да ги забележат тие точки. Тоа може да се стави во кутија и може да речат, според едното мислење е ова, а според другото мислење е она. Тоа го има во Преспанскиот договор и има многу добра одредба околу историјата. Вие се согласивте дека за одредени прашања не можете да се согласите.

Северна Македонија не се предаде во преговорите со Грција. И Грција направи големи отстапки. И за тие отстапки владата на Ципрас плати цена, како што плати одредена цена и Владата на Заев. Америка ги почитува луѓето кои се борат за себе, се борат за дигнитет и се посветени за чесни и фер преговори. Не треба да има откажување од разговорите со Бугарија. Очекуваме да се борите со достоинство и да се ангажирате во фер преговори.”