ЕКО-СВЕСТ И СВЕТСКИОТ ФОНД ЗА ПРИРОДА БАРААТ ВЕТО ОД ПЕНДАРОВСКИ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИТЕ

0
697

Еко-свест и Светскиот фонд за природа бараат од претседателот Стево Пендаровски да го врати во Собранието спорниот закон за дивоградби и да се одржат јавни расправи.

“Со контроверзен наслов и контроверзна содржина, Собранието вчера донесе Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти. Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест и Светскиот фонд за природа (WWF Adria) ви се обраќаат со своето образложение за потребата од враќање на Законот во Собранието. Вашата улога е од круцијално значење за спречување на негативните последици од овој Закон не само по заштитата на животната средина и природата, туку и по нашиот правен поредок” – велат од организациите во писменото обраќање.

Тие во своето барање велат дека Законот е спротивен на Уставот, односно на барем две од темелните вредности во чл. 8 (владеење на правото и уредување и хуманизација на просторот и заштита на животната средина и природата). Законот не е усогласен со Законот за заштита на природата и Законот за води каде што постоење на било какви градби во одредени зони и подрачја е строго забрането, притоа за такви локации нема потреба од дополнително мислење од страна на надлежните институции наведени во новиот Закон.

“Во Законот стои дека бесправни објекти ќе можат да се легализираат и во национални паркови и заштитни зони (за водоснабдување), притоа дозволата за легализација ќе треба да се добие врз основ на мислење од страна на јавната установа-управител со паркот или Министерството за животна средина и просторно планирање. Кога Министерството за животна средина и просторно планирање и другите наведени институции даваат мислење, тие треба да се водат по Законот за заштита на природата и Законот за води, но досегашната пракса не покажала дека ова доследно се применува. Дополнително, секогаш кога се бара мислење од институција за нешто (кое што веќе е дефинирано согласно друг закон) се отвара простор за коруптивни пракси” – појаснуваат организациите.