ДАВАЊЕТО ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ НА ПОПИШУВАЧИТЕ Е ЗАКОНСКА ОБВРСКА А НЕ ДОБРОВОЛНА АКТИВНОСТ, СИМОВСКИ: ЌЕ СПРОВЕДЕМЕ МНОГУ СТРОГИ КОВИД ПРОТОКОЛИ ЗА ПОПИСОТ И СЕКОЈ РИЗИК ЌЕ БИДЕ СВЕДЕН НА МИНИМУМ

0
942

“Државниот завод за статистика (ДЗС) е целосно подготвен за отпочнување на најголемата и најзначајна статистичка операција Попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година. Донесени се многу строги протоколи, како да се однесуваме во услови на пандемија и ние гарантираме дека целосно ќе ги почитуваме” – изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

За попишувачи досега аплицирале речиси 8 илјади луѓе, со што ќе има комплетна покриеност со попишувачи на терен. Доколку е потребно, со одлуката на Владата на располагање им се ставени и лицата кои се ангажирани со договор во владините институции и институциите на локалната власт.

“Во тек се обуките за реонски инструктори, кои што ќе имаат супервизорска функција, а за неколку дена ќе отпочнат и обуките на лицата кои непосредно ќе го спроведат попишувањето, односно попишувачите” – изјави Симовски.

Точната бројка на попишувачи кои евентуално би недостигале, ќе се знае утре или задутре, кога ќе заврши конкурсот и ќе се спроведе тестирањето на кандидатите. Можноста која им е на располагање за вклучување на лицата кои се времено ангажирани од Владата и локалните власти ќе се користи само доколку немаат доволно кадар и согласно потребите, а ќе бидат платени само за онаа работа што ја извршуваат, исто како и секој друг учесник во пописот.

За предлогот од опозицијата за електронски попис и што со граѓаните кои ќе одбијат да бидат попишани, Симовски рече дека сега не може и нема намера да се размислува во насока на менување на методологијата на пописот.

“Таа е донесена и објавена во Службен весник, одобрена е од Евростат и менување на методологија не доаѓа во предвид. Во однос на било какво одбивање, законот е прецизен, дека ова е задолжителна активност на сите и не е доброволна активност” – рече директорот Симовски.

“Небитно е дали некои од попишувачите се вакцинирани или не. Имаме јасни и прецизни ковид-протоколи кои мора и ќе се почитуваат. Тоа е наша обврска, но и гарантираме дека протоколите максимално ќе се почитуваат. Ќе сносиме одговорност ако тоа не се случи” – рече Симовски.