APPLE ГИ ПРЕТСТАВИ ТЕЛЕФОНИТЕ ОД IPHONE 15 СЕРИЈАТА СО USB-C ПРИКЛУЧОК И ОСВЕЖЕН ДИЗАЈН

0
388

Apple го одржа нивниот настан закажан за денеска на кој беше претставена новата генерација од нивниот iPhone. На ред беше iPhone 15 серија која дојде со четири модели, односно iPhone 15, iPhone 15 Plus, iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max.

iPhone 15 Pro серија

Главните на настанот секако беа моделите со Pro додатокот во нивното име, а овие два модели добија и нешто повеќе новини. Големината на екраните останува иста како и досега, 6,1 и 6,7 инчи, но димензиите и тежината се малку намалени.

Ова намалување се должи на две одлични новини кои доаѓаат кај iPhone 15 Pro телефоните, а тоа е титаниумска рамка направена во комбинација со алуминиум, со што се добива поиздржлива, но полесна рамка.

Како што се најавуваше, рамката сега веќе ги нема познатите „остри“ агли, па истата е малку заоблена, а очекувам дека телефоните ќе бидат доста подобри за држење, посебно при подолго време.

Рамките околу екранот се исто така намалени, па телефоните се на добар пат да скоро и немаат ништо околу нивниот екран.

Уште една новина која секако може да се каже дека ќе привлече големо внимание е користењето на USB-C приклучок. Корисниците сега ќе можат да го полнат својот телефон од Apple со истиот кабел како и другите уреди од компанијата, а исто така конечно ќе можат да позајмуваат полнач од нивните пријатели кои се на Android.

На местото на познатиот преклоп за тивок режим, сега корисниците добиваат копче кое можат да изберат што да прави кога ќе биде притиснато. За исклучување на звукот се што треба е да се притисне подолго, па може да се каже дека копчето ќе има две функции. Action Button ќе овозможува работи како вклучување на камерата, вклучување на светлото, активирање на Voice Memos, активирање на некој од Focus режимите, а со помош на Shortcuts корисниците добиваат колку сакаат можности со ова копче.

iPhone 15 Pro моделите го добиваат првиот 3nm чип од Apple, а тој е доволно променет за да од компанијата посебно го именуваат. Истиот веќе не го носи додатокот Bionic во своето име, па е наречен A17 Pro.

Подобрувањата кај процесорот сепак не се огромни, но сепак не се за потценување, па подобрувањето изнесува 10%. Таму каде што може да се очекуваат поголеми подобрувања е кај графичкиот процесор кој сега има 6 јадра и донесува 20% подобрување.

iPhone со A17 Pro добива и поддршка за нови игри кои досега не беа достапни со функции како ray tracing, 4 пати побрзо од софтверски овозможената ваква функција досега.

Поради користењето на USB-C, а кај Pro моделите со USB 3 брзини, корисниците ќе можат да снимаат видеа директно на надворешен диск, со што ќе им бидат овозможени и дополнителни функции.

Камерите кај iPhone 15 Pro добиваат подобрување, а посебно кај главната камера со 48 мегапиксели. Посебно се истакнуваат новите софтверски можности како Focus and Depth Control, со што се овозможува промена на ефектите при сликање на портрет слики по сликањето.

iPhone 15

Иако не изгледа така, iPhone 15 и iPhone 15 Plus исто така добиваат доволно новини. Како главни може да се издвојат новиот дизајн на рамката, но без титаниум, а тука е и Dynamic Island.

Со користење на A16 Bionic чипот, кој моментално се користи кај iPhone 14 Pro серијата, корисниците на основните модели добиваат подобрување на перформансите и функции како Focus and Depth Control за сликите, меѓу другото.

Главната камера кај овие модели сега исто така добива 48 мегапиксели, а со подобриот чип, може да се очекуваат и подобри слики.

Секако и овие модели го добиваат USB-C приклучокот, исто како и Pro моделите, па може да се каже дека дојде крајот на посебни кабли за корисниците на Apple.

Од компанијата не дадоа некое посебно внимание на оваа промена, односно не се остварија најавите дека тие ќе ја претстават како победа за корисниците, па само ги истакнаа новите можности и предности.

Погледнете ги новите телефони на страната од Apple, односно iPhone 15 и iPhone 15 Pro моделите.

Извор : СмартПортал