Средба Заев – Томан: Поддршка од Чешка во повеќе области

0
1990

Чешка ја поддржува Македонија во повеќе области, а особено во однос на контролата на македонската граница,  изјави премиерот Зоран Заев на денешната средба со чешкиот амбасадор, Мирослав Томан.

– Оваа соработка продолжува и понатаму и се проширува на заеднички иницијативи за обуки на безбедносните структури како што е граничната полиција и на АРМ, посочил Заев на средбата.

Премиерот, како што соопшти владината прес-служба му посакал добредојде и успешна работа на амбасадорот Томан, кој од своја страна истакнал дека му е особено значајно што како амбасадор на Република Чешка ќе го даде својот придонес во продлабочувањето на пријателските врски меѓу двете држави.

Заев го информираше амбасадорот на Чешка за напорите на земјата да ги интензивира и да им даде нова динамика на евро-атлантските процеси и истакна дека нашата земја очекува Чешка и понатаму да го охрабрува проширувањето на ЕУ, особено во однос на земјите од Западен Балкан.

Томан нагласи дека неговата земја со особен интерес го следи овој процес и посебно ги поздравува напорите на Македонија за квалитетно поместување на оваа ситуација во интерес на граѓаните на земјата.

Амбасадорот посебно значајна ја истакна новата добрососедска и регионална политика на Република Македонија како препознаена европска вредност.

Во делот на разговорот за продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји, премиерот Заев информираше за новите политики на Владата во однос на охрабрувањето на странските инвеститори и истакна дека двете земји имаат сериозни потенцијали за продлабочување на економските врски.

Заев, истакна дека привлекувањето на странските инвеститори и создавањето услови за добра бизнис средина за нив е врвниот приоритет на Владата и дека иницијативите од Република Чешка се охрабрување за овие политики.

Томан се надоврза дека фирмите од Чешка ќе го препознаат добриот развој на настани и можностите кои ги имаат во Македонија.