ФОН ДЕР ЛАЈЕН : ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЌЕ СЕ ВКЛУЧИ УШТЕ ПОСИЛНО ВО БАРАЊЕТО РЕШЕНИЕ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО С.МАКЕДОНИЈА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО УНИЈАТА

0
667

Премиерот Зоран Заев денеска во рамките на неговата посета на Брисел, оствари средба и со претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, соопшти владината прес-служба.

На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Заев упати порака до претседателката Фон дер Лајен за уште поактивно вклучување на Европската комисија во изнаоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.

Премиерот Заев повторно нагласи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите.

„Македонскиот идентитет, освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порача премиерот Заев на средбата со претседателката на ЕК Фон дер Лајен.

Заев додаде дека Северна Македонија ги спровела сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.

Од друга страна, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен потврди дека ЕК ќе вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи, како што рече таа, ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ, и дека таа се залага за двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.