СДСМ со „последна понуда“ до режимот на ,,Третиот Рајх” и Груевски

0
1121

Оставка на премиерот Никола Груевски 150 дена пред изборите било едно од барањата што во својата „последна понуда“ опозицискиот СДСМ му го испорачал на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Дојче веле.

gruevski-zaev2

Меѓу другото, во „пакетот“ се барало опозицијата да раководи со четири министерства: за внатрешни работи, земјоделство, труд и социјална политика и финансии, а не да има само „министерски контролори“ со врзани потписи, како што предлагала владејачката партија. Се предлагало јавниот обвинител да се избира на заеднички предлог, односно да биде прифатлива личност за двете партии, опозицијата да предлага членови во Државната комисија за спречување на криминал, во Агенцијата за медиуми, раководни лица во програмските појаси на МРТВ…

Ова се само дел од предлозите, но според партиски извори, пакетот содржел и ред други за кои двете партии досега се уште не стигнале да разговараат, а уште помалку да ги детализираат можните решенија. Не било разговарано дури ни за дел од веќе договорените точки со Договорот од 2 јуни, како што е, на пример, обврската за „модифицирање на составот на Државната Изборна Комисија“, на која според тој договор, до 30 септември треба да и се дадат „зголемени овластувања за да обезбеди слободни и фер избори, како и исто ниво на игра за сите партии“.

Според извори во опозицијата, сега „топката е префрлена на теренот на Груевски“, но не веруваат дека лидерската средба се пролонгира заради потребата од дополнителни консултации во неговиот тим.
„Груевски само се обидува да купи време. Смета дека тој треба да ги диктира чекорите и роковите, иако на сите им е јасно дека неговите можности се лимитирани и дека тој не е во ситуација еднострано да го диктира исходот од разговорите“, велат извори од опозицијата.

Од владејачката партија, пак, велат дека неразумно е опозицијата да бара од легитимно избран премиер да се повлече од функцијата многу порано од од рокот што го предвидуваат законските решенија за функционирање на владата како техничка во пресрет на изборните циклуси.

„СДСМ предлага неразумни решенија, со една цел – договорот да пропадне. Дури и да прифатиме да разговараме за таков предлог, тој не треба да биде исклучок, туку законско решение кое би важело за сите влади и за сите идни избори и секако, не со толку голем рок. Второ, опозицијата не може еднострано да најавува кога ќе се одржи лидерска средба. Тоа треба заеднички да биде усогласено“, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, „не може да се разговара ни за некаква ‘последна понуда’ од СДСМ, бидејќи во текот на сите разговорите ги вртат истите или сосема малку модифицирани предлози“.

Изворите ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата, дека Груевски наводно бил подготвен да се повлече од премиерската функција најрано на 1 декември, односно четири месеци пред изборите.