27-МИ АПРИЛ БЕШЕ ДАТУМ НА ПАДОТ НА ЗАРОБЕНАТА ДРЖАВА, ЗАЕВ: ПОДДРЖУВАЊЕТО НА ОСУДЕНИТЕ ЗА ТОЈ НАСТАН Е ИЛИ ЗАБЕГАНОСТ ИЛИ СОУЧЕСНИШТВО

0
690

Премиерот Зоран Заев денеска потсети на лузните што ги носи како еден од учесниците на непосакуваните настани од 27 април 2017 година и порача тоа да не се повтори никогаш повеќе, ни во Северна Македонија, ниту било каде во светот.

“Ќе го споделам уште еднаш чувството дека тој 27 април 2017 година, два часа и 15 минути секоја секунда јас, колегите пратеници и новинарите околу нас чекаа да го изгубат животот. Буквално секоја секунда, векови беа тие два часа и 15 минути. Денеска да се организира собир за да се даде поддршка на осудени луѓе кои се обидоа на очиглед на јавноста јавно да убиваат и ликвидираат новинари, камермани, пратеници во Собранието е или забеганост или е соучесништво, ништо друго” – рече Заев.

Тој рече дека тој лично е мотивиран да продолжи да се бори за да не се повтори тоа никогаш повеќе. Премиерот смета дека е застрашувачки да го видите денешниот лидер на опозицијата, односно алтернативата на власта како е прв меѓу поддржувачите на луѓе кои се веќе правосилно осудени и кои се обидоа да убијат.

“И навистина ова е надвор од здравиот разум. Сакам да ја потсетам македонската јавност да има секојпат предвид што всушност има во државата, што се алтернативите коишто постојат во нашата земја и да не дозволат девијантни појави коишто Северна Македонија повторно ќе ја однесат во неповрат или во грозотија од која што сите бевме згрозени на тој 27 април. Пораката е граѓаните, сите ние, да си ја чуваме Северна Македонија, нашата татковина” – нагласи Заев.