ЌУЧУК : СО ИЗБОРОТ НА ЏАФЕРИ ЗА ПРЕМИЕР МАКЕДОНИЈА Е ПРИМЕР ВО РЕГИОНОТ

0
209

Напредокот на државата во евроинтегративните процеси и внатрешно-политичката состојба пред претстојните парламентарни и претседателски избори. Ова биле темите за кои денеска во Владата разговарале техничкиот премиер Талат Џафери и бугарскиот европратеник од редовите на либералите, Илхан Ќучук, кој е известувач за Македонија во Европскиот парламент.

„Претседателот на Владата Џафери, истакна дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија и цврста за заложба на Владата останува исполнувањето на обврските кои се дел од Преговарачката рамка со Европската Унија (ЕУ)“,
се вели во владиното соопштение за средбата.

На средбата премиерот ја изразил својата благодарност за, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, блиската и активна соработка со европратеникот во изминатите четири години. Џафери го нагласил и задоволството од поддршката на Ќучук во промоцијата на европското досие на земјава во Европскиот парламент и неговиот личен придонес во носењето на важни одлуки за Северна Македонија.
Како последен успешен пример во таа насока, премиерот го посочил „Дијалогот Жан Моне“ во рамките на кој се одвиваа разговорите за новиот Деловник на Собранието, кој неодамна беше усвоен од пратениците.

Премиерот на преодната влада и пратеникот и известител за земјава во Европскиот парламент размениле и ставови во врска со реформите во државата и за динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија.

„Двајцата соговорници се согласија дека продолжувањето на процесот на проширување е во интерес на Европската Унија, а на тој начин државите од Западен Балкан ќе бидат фокусирани на засилувањето во спроведувањето на реформските процеси“,
се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Ќучук, од своја страна, честитајќи му го изборот на Џафери за премиер, истакнал дека овој избор е успех не само за Северна Македонија, туку и за регионот. Во овој контекст, европратеникот, посочил дека Северна Македонија уште еднаш станала пример и за многу европски земји за успешно функционирање на мултиетничката демократија.

Воедно, тој нагласил дека земјата и понатаму ќе може да смета на неговата поддршка, изразувајќи надеж дека по претстојните избори за пратеници во Европскиот парламент, ќе има можност да продолжи да придонесува за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.