Заев: Се провоцираат тензии со Бугарија, ќе ги надминеме во духот на пријателството

0
730

Според Заев нема дилеми околу македонскиот јазик затоа што, како што вели, тој е наша реалност. За историјата на Гоце Делчев пак, верува дека ќе се најде решение со кое двата народа ќе останат горди.

Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов дека Бугарија кажала кои се нејзините услови за Северна Македонија да биде примена во Европската Унија, лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека очекува во идниот период земјата „да продолжи да биде наш искрен пријател“ и дека ќе се решат отворените прашања.

-Покажавме дека сме пријателска Влада. Претходната Влада имаше капацитет само за кавги со соседите, а ние најдовме решенија. Ја интегриравме земјата во НАТО и добивме одлука за почеток на преговори. Двете стратешки цели ги исполнавме. Очекувам во идниот период Бугарија да продолжи да биде искрен пријател на Република Северна Македонија. Народите ни се блиски. Владите се блиски и верувам дека во иднина ќе продолжиме со соработката. Мене ми е јасно дека сме застанати на петтиот елемент од историските поглавја. Четири прашања затворивме: Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум и тоа објавено и во ред, во духот на заедничката историја од минатото. Верувам дека и прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја, каде што двата народа, и македонскиот, и бугарскиот, ќе останат горди народи. И тука да нема дилема – изјави Заев на пресконференција.

Заев вели дека му е драго што нема дилема околу македонскиот јазик и македонскиот народ, бидејќи како што вели, тоа е наша реалност.