ЈОВЕСКИ : НЕ МОЖЕВ ДА ЈА ТРПАМ НЕЗАКОНИТОСТА КАЈ РУСКОВСКА ЗА ФИНАНСОВА ПОЛИЦИЈА

0
412

Не можев да ја трпам незаконитоста во предметот, вели републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, во врска со претресот во Финансова полиција, кој доведе до суспендирање на поранешната шефица на обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, за која е предложено разрешување од страна на дисциплинската комисија. Во вечерашното интервју за Телма, Јовески негираше дека политиката замешала прсти во случајот со Русковска.

-Апсолутно не, по тој предмет имаше само една анонимна кривична пријава која подолг период седела во фиоката на Русковска. Кога прв ден замина на одмор дејствијата за наредба на претрес ги препуштила на обвинителката Ивана Трајчева, без да има преземено никакво претходно дејство по анонимната пријава. Во наредбата стои кривично дело примање награда за незаконито влијание, но од анонимната пријава немаше елементи за вакво кривично дело – рече Јовески.

Според него, во Финансова полиција било влезено од страна на обвинителот, без да се знае кој предмет се бара.

-Се барале предмети за 4 до 5 години наназад, што значи дека обвинителството нема никакви сознанија за ова и за други дела. Со претресот не се знаело што се бара. Не можев да ја трпам незаконитоста во тој предмет. Во наредбата не се знае што се бара. Многу пропусти што ме принудија да постапам на тој начин. Долго време размислував дали да покренам постапка – рече Јовески.