НИЕ СМЕ ТРЕТА АРМИЈА КОЈА ЌЕ ГО ИМА НАЈМОЌНИОТ ТРАНСПОРТЕР ВО СВЕТОТ – Кои се перформансите на американските оклопни возила „Страјкер“

0
1079

Станува збор за најсовремениот американски вооружен транспортер, а Македонија ќе стане една од ретките земји ширум светот која ќе го употребува. Од над 4.000 вакви возила кои во моментов се во употреба, армијата на Тајланд е единствената која користи 60, а Македонија со нарачката би станала третата земја која ќе го употребува.

Продажбата која вчера беше одобрена од американскиот Стејт Департмент, земјава ќе ја чини 210 милиони долари или близу 4 милиони по возило. Страјкерот има дури десет различни варијанти, а Македонија според најавите ќе добие три такви, односно за транспорт на пешадија, командни и минофрлачки возила. Првите двесет се очекуваат догодина, а останатите во неколку етапи во слендите 5 години..

Според спецификациите од американската војска, оклопниот џин тежок 19 тона достигнува брзина од 100 километри на час, а керамичките оклопни штитови нудат соодветна заштита за војниците од проектили. Страјкерот има термална и ноќна камера која овозможува 360 степени непречен преглед на бојното поле, без било кој од војниците воопшто да излезе од возилото. Гумите пак можат автоматски да се издишуваат и напумпаат во зависност од теренот на кој се вози, а сите осум се незапаливи и отпорни на куршуми.

-Способноста на Страјкерите со можноста да пренесат тешка пешадија на непристапен терен или во урбана средина може значително да ја поддржи или зајакне способноста на механизирана единица на отворен терен или на отворено бојно поле за да се соочи со директна закана.-Капетан Даниел Рејнолдс – Војска на САД.

Американската војска со веќе со години ги користи Страјкерите на бојните полиња во Ирак и Авганистан, каде според извештаите од Пентагон, возилото покажало одлични резултати. Во зделката со САД, за земјава вклучени се и 50 калибарски митралези М2А1, лансери за димни гранати М6, и придружни резервни делови за Страјкер возилата меѓу кои и заедничка станица за далечинско управување со оружје, напреден GPS приемник, како и услуги за инженерска, техничка и логистичка поддршка од американската војска.