Коалиција за промени и правда: Не се плашете, режимот ќе падне!

0
1584

Коалицијата за промени и правда ги повикува сите, сплотени во заедничка борба против „авторитарната власт на Никола Груевски и неговото злосторничко здружение кои повеќе од десет години го тероризираат и ограбуваат народот во Македонија“.

„Борбата ќе ја водиме со нашиот разум, збор и глас на 11ти декември 2016 година, ден кога ќе му кажеме на овој режим ДОСТА Е! На тој ден ќе им пресудиме на тиранијата, теророт и криминалот на фамилијата на власт, неправдите кон луѓето и одземената слобода, на корумпираното судство и на сите корумпирани подржувачи на овој недемократски режим.

– Ќе му кажеме НЕ на стравот, очајот, сиромаштијата и безнадежноста во која живее нашиот народ.

– НЕ за солзите на родителите кои беа присилени да ги пуштат во туѓина над 600 000 млади и работоспособни, таму да ја побараат среќата бидејќи режимот им ја одзеде во Македонија. Најдоброто, цветот на Македонија, замина со карта во еден правец.

– Да го запреме натамошното задолжување на Македонија чиј вкупен надворешен и внатрешен долг е над 9 милијарди евра. Ние сме пред целосен банкрот – нема да има пари за плати, пензии и социјални програми, само заради бесот и алчноста на тиранскиот режим на власт. Нашите чеда и внуци не сакаме да живеат во должничко ропство.

– Самите сме сиромашни и затоа велиме НЕ за белосветските профитери од слободните економски зони од кои Македонија нема ни едно евро полза, а ние им плаќаме за придонеси и плати на вработените кои работат како робови во колониите од XIX век.

Сакаме промени после 11 декември.

Сакаме правда и слобода за сите.

Правдата и слободата се неодвоиви од човекот. Тоа е човекот. Ниедна власт не смее да ги загрозува повеќе, освен во заштита на слободата и правдата на другите.

– Сакаме мир и соживот на граѓаните, без разлика на националната, верска и социјална припадност. Доста ни е од конфликти на овие основи само заради некој да се дограби или да се оддржува на власт.

– Сакаме нов уставен поредок и закони кои ќе ги гарантираат слободата и правдата на сите и го оневозможат насилието на партиите на власт врз нас, како што беше во изминатите 25 години.

– Сакаме што поскоро Македонија да е членка на ЕУ и НАТО. Ние сме длабоко во темелите на европските цивилизациски вредности. Затоа, прво нив ќе ги доведеме дома, а потоа ќе бараме формално членство.

– Владеењето на правото не е само парола. Тоа ќе ни гарантира стабилност, слобода и правда, економски и културен напредок.

– Во име на слободата и правдата, мора да му биде судено на Никола Груевски и неговото злосторничко здружение. Ќе го натераме него и секој како него, да ги вратат во Македонија украдените милијарди евра од граѓаните и тие ќе му бидат вратени на народот затоа што се негови.

– На судиите и обвинителите кои ги кршеле човековите права и слободи и ги зацрниле судбините на илјадници фамилии, по налог на тиранската власт, мора да им биде судено.

Со почит кон минатото, загрижени за сегашноста, загледани и одговорни кон иднината, мораме да се избориме и да победиме на 11ти декември во име на промените и правдата“, велат од Коалицијата за промени и правда.