ЦИВИЛ : ОСУДА НА ГОВОРОТ НА ОМРАЗАТА НА ДИМИТАР АПАСИЕВ ОД ЛЕВИЦА

0
3874

ЦИВИЛ со крајна индигнација го осудува неодамнешната објава од шефот на Левица, Димитар Апасиев, во која тој се послужи со крајно навредливи зборови и манипулации кон Цивил и кон претседателот на организацијата. Ова е само уште еден од бескрајната низа испади на овој ултрадесничар кој предводи политичка партија застапена и во македонскиот парламент.  „Сите ќе ве стреламе“ и „Децата крв ќе ви плукаат“ се само дел од скандалозниот, екстремен и заканувачки „асортиман“ на овој политичар. Тој стана познат и како таков ќе биде запаметен: вулгарен, валкан и насилен. За него е познато дека застапува и се обидува да спроведе идеи и концепти што се целосно спротивни на демократските принципи и стратешките определби на земјата.

Одговорноста на Апасиев е дотолку поголема што тој (со јавни пари), се впушта во лични вербални пресметки со интелектуалци, активисти, новинари, граѓански организации и политички противници. Притоа, користи речник на омразата и повикува на насилство и војна. Апасиев е крајно непристоен и вулгарен и често изгледа како да нема контрола врз себе и своите постапки, што може да биде крајно опасно, имајќи ја предвид неговата општествена позиција како просветно лице на универзитетско ниво и политичката функција на пратеник и предводник на политичка партија.

Познато е дека тој им слугува на своите лични интереси. За да ги оствари своите лични цели, Апасиев злоупотребува јавни пари и манипулира. Се служи со дезинформации и пропаганда, валкани средства насочени против мирот и стабилноста во земјава и во светот.  За среќа, моќта на Апасиев е ограничена на еден грст екстремисти во земјата. Сепак, тоа не значи дека треба да ужива во неказнивоста што му ја обезбедуваат институциите.  Цивил упатува јавен повик до сите релевантни институции и саморегулаторни тела да преземат соодветни чекори за осуда и санкционирање на тешките навреди, клевети и говор на омраза што произлегуваат од јавните настапи и дејствувањето на Димитар Апасиев, а чија мета неретко е токму Цивил.