Искреноста наспроти манипулацијата или Заев наспроти Груевски

0
1317

Од првостепено значење и важност е содржината на снимките а потоа дури како тие се нашле кај Зоран Заев, лидерот на СДСМ и опозицијата.

mitko-Jovanov-slika-za-kolumni1

Содржината на снимките кои досега ги објави Заев, е важна затоа што граѓаните го гледаат вистинското лице на Груевски и неговата власт и состојбата на државата во која ја доведе. Содржината на снимките е од посебна важност за потврдување на фалсификувањето на изборната воља на граѓаните на изборите наназад завршно со тие што се одржаа во април минатата година-за што Заев изјави дека ќе објави докази.

Содржината на снимките е важна за правната завршница на случајот кога за тоа ќе се создадат услови во државата. Груевски се обидува да глуми дека се е исто и продолжува засилено со пропагандата преку медиумите и корумпираните подржувачи. Сепак пропагандата веќе постигнува ефект на тоалетна хартија со која може да се послужат неговите подржувачи кои се со него за да ги задржат привилегиите на државна сметка и да се спасат себе си а не затоа што веруваат во Груевски или пак го сакаат.

Токму затоа треба да ги разјасниме барем дел од извртувањата што ги прават секојдневно Груевски и неговите подржувачи кои си земале за право да ја бранат државата од незнаен странски непријател, барем до сега нема име и презиме тајната служба која ја нападнала државата.

Граѓаните не се навикнати политичарите да бидат искрени, туку имаат изградено ставови и вредносни судови дека тие лажат и манипулираат. Сосема е разбирлива недовербата што ја имаат граѓаните поради искуствата што ги имаат стекнато со години наназад. Сеоак после 24 години граѓаните се соочуваат со ново искуство на однесување на политичар на политичката сцена на државно ниво-со невообичаената искреност во настапите на Заев.

Искреноста на Заев во политичка констелација која е присутна од 1991 година до денеска, првично остава впечаток дека тој лично си причинува политичка штета себе си и на СДСМ, чиј претседател е. Впечатокот е таков, затоа што политичкиот противник тоа го користи до максимум преку монтирање и вадење од контекст на неговите изјави за да прави од него човек кој демек ги менувал ставовите, демек едно вчера зборувал а друго денеска.  И да се случи, да ја парафразираме една поговорка, од устата на Заев, да протекува мед и млеко, сепак медиумите кои ја подржуваат автократијата на Груевски (официјален став на германскиот Парламент), ќе направат дека тоа било катран.

Заев и Греувски се два различни света во политичка смисла-и тоа е добро за државата што е така.  Груевски немал и нема политичка храброст да се соочува со предизвици, туку секогаш дејствувал само кога е 100% сигурен и се наоѓа на свој терен, кога нема наспроти себе противници, со еден збор нема храброст да се соочи тет а тет со конкурентните политичари или да кажеме поинаку-политички противници, дали е тоа поради чуство на инфериорност, немање аргументи или трето, или пак од се по нешто, сега не е ни важно.

Тој кога беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ почна да се жали дека претходниот лидер Љубчо Георгиевски му зарил нож во грб, но денеска самиот тоа си го стори, но за жал со последици по државата. Од друга страна пак е Заев, политичар кој направи од Струмица најуспешна општина во државата за тоа граѓаните го препознаваат. И покрај големите влогови тој факт не може да го промени автократската власт на Груевски. Општината Струмица за своите постигнувања им признанијата од ЕУ и меѓународните организации.

Токму Заев на чело на СДСМ, ја поседувал умешноста, трпеливоста, капацитетноста, а пред се, храброста, да ја  разоткрие архивата со прислушувани личности со чие објавуавње само на дел од нив, се сруши за миг сликата за чесноста и моралот на Груевски кој се градеше изминатите осум години за што се вложени десетици милиони евра државни пари во медиумите и маркетинг агенциите.

Разликата во настапите во јавноста е очигледна и неспоредлива во однос на тоа како Заев настапува а како  Груевски. Дијаметралната разлика е резултат на тоа што Заев на своја страна ја има правдата. Кога човек е сојузник со правдата, во таков случај зборува од срце и душа на кои кога ќе им се препушти, тогаш е искрен-тоа сме го почуствувале сите во животот.

Од другата страна пак кога човек ќе се соочи со своите постапки кои причиниле многу неправди кон другите и кога тоа ќе биде обелоденето во јавноста, тогаш спасот е во упорното лажење со надеж дека со повторувањето на лагите другите во нив ќе поверуваат дека се вистина-што впрочем е девиза на секоја пропаганда, на што граѓаните се жртви изминатите осум години. Груевски денеска е токму во таква ситуација затоа што граѓаните го запознаваат како тој, неговите министри и соработници постапувале и ја практикувале власта откако Заев почна да ги објавува снимките од прислушуваните разговори.

Ќе ни треба уште некое време да се навикнеме на новиот профил на политичар на македонската политичка сцена кој почнува да се исцртува токму преку Заев. Не велам дека немало и други поединци во изминатите 24 години, сепак ние граѓаните  не сме ги препознале затоа што сме биле заведени од пропагандите на другите кои биле помоќни да плаќаат за реклами и настапи во медиумите.

Сепак време е ние граѓаните да ги препознаваме и подржуваме политичарите според моралните вредности и минатиот труд а не според критериуми кои се пожелни за славните музичари, спортисти, глумци…. Заев веќе почна да ги крши некои воспоставени стереотипи за политичарите на кои сме се навикнале досега, од што полза ќе имаат граѓаните, за да не наседнуваме на лаги и превари, затоа што тоа не чини многу скапо, толку многу скапо, затоа што се работи за дел од нашиот живот.

Деновиве прочитав дека Македонец кој живее во Англија, кој се вика чинам Владимир Перев, кој ги слушал интервјуата со Заев во медиумите преку интернет и притоа позитивно се изненадил кога забележал дека зборовите демократија и слобода Заев најмногу ги изговарал, што го протолкувал како постоење жед за слобода и демократија во Македонија.

Не му е тешко на Перев да ги забележи ова кај Заев, затоа што тој живее во Англија каде што демократијата е на високо ниво и луѓето таму се многупати посензитивни за тоа како се однесуваат политичарите во зависност од нивното севкупно поведение ги наградуваат или казнуваат.

Заев на последниот телевизиски настап рече дека на прво место му е да се вратат слободата и демократијата во државата а не да ја освои власта и да биде премиер. Тој буквално рече, парафразирам, ако треба Заев и Греувски нека одат јабана, во смисла и двајцата да не мора да бидат премиери, да заминат од политичката сцена, ако е тоа добро за државата. Кај Груевски не постои таква спремност.

Ако му е важна државата тогаш по обвинувањата на опозицијата но веќе и од странство (Германија) дека воспоставил автократска власт и по обелоденувањето на дел од доказите преку снимките, во ваква состојба прв чекор на Груевски треба да му биде оставка затоа што друго решение нема. Оставката не значи дека тој капитулирал, туку создавање услови за разрешување на кризата, затоа што Груевски е инволвиран во скандалот и не може од позиција на власт скандалот да се разреши праведно-чудно како тоа не може да биде разбрано од него и неговите соработници, затоа што упорното останување на позицијата премиер тој и прави штета на државата но и себе си па и на партијата чиј лидер е.

Кога ќе се создадат услови за случајот со прислушувањето да се процесуира правно тогаш ќе се дознае и улогата во него на Зоран Верушевски, наместо Груевски и медиумите под негова контрола да злоупотребуваат дел од неговото минато за да прават сценарио со кое ќе манипулираат со граѓаните. Ако логично резонираме тогаш ќе заклучиме дека пишување пораки со шифри преку телефон не е забрането со ниеден закон.

Истотака некој ако му купи некому компјутер тогаш не направил прекршување на некој закон.  Случајот со Верушевски е сламката на која се фати Груевски како давеник затоа што тезата дека странски тајни служби прислушувале е побетер теза за да се разубедат граѓаните дека власта нема врска со прислушувањето.

М-р Митко Јованов