ЦИВИЛ: Избирачкиот список не е прочистен, не се создаваат услови за слободни избори

0
1082

ЦИВИЛ – Центар за слобода во своите досегашни анализи и соопштенија изнесе јасни и недвосмислени оценки за процесот во чии рамки се спроведува и чистењето на Избирачкиот список.

Начинот, квалитетот на водењето на процесот, сите сомнежи кои ги предизвика работата на Државната изборна комисија и делувањето на политичките партии, укажува на тоа дека граѓанките и граѓаните со право немаат доверба во овој документ. Општа е констатацијата дека, дури и да се прочистеше Избирачкиот список докрај, што секако не се случи, довербата изостанува, а со тоа и кредибилитетот на ДИК и на целиот процес.

Пред сè, теренската проверка на Избирачкиот список не се спроведе на начин кој може да се оцени како потполно регуларен, за што ја известивме јавноста и претходно, во повеќе наврати.
Административната проверка која требаше да опфати над 70.000 лица, го исфрли на површина сознанието дека над 18.000 лица воопшто не аплицирале за издавање лични документи, а се наоѓаат во Избирачкиот список.

Досега објавивме сознанија за два случаи, а секако дека имаме многу повеќе и пристигнуваат извештаи секој час, според кои се дознава дека во Избирачкиот список сѐ уште има лица кои се починати уште во текот на минатата година и порано.

Со години наназад, во претходните изборни процеси, лица кои биле означени со ѕвездичка, што значи дека гласаат во странство, сега се ставени во Избирачкиот список како да гласаат во земјава. Значи, некој одлучил да ја тргне ѕвездичката, со што се остава простор за сомневање дека овде некој може да го злоупотреби нивниот глас.

И сето тоа не е доволно. ДИК, едноставно, решава да го наметне ваквиот Избирачки список како чист. Дополнително, во ДИК се гласа во стилот 6:0, а составен е од девет членови. Кој уште може да поверува во легитимитетот и кредибилитетот на Државната изборна комисија и во Избирачкиот список? И меѓународната заедница, онаа која државата ја повика на помош, изнесе оценки слични на оваа на ЦИВИЛ, но ништо од тоа не беше доволно.

Освен катастрофалната состојба на Избирачкиот список, ЦИВИЛ регистрира огромен број случаи на закани и уцени, политичка корупција, дискриминација врз основа на политичката афилијација, мобинг, потполна партиска контрола на институциите и непроменета состојба во медиумите, кои во најголем дел се под контрола на власта.

На крајот, уште еднаш ја нагласуваме констатацијата дека не се создадени и не се создаваат услови за слободни избори во Република Македонија. Според досега сработеното, слободни избори на 5 јуни не се можни.