ХАРИ ЛОКВЕНЕЦ : НА 29 ОКТОМВРИ ПОЧНУВА ГРАДБАТА НА ПРВИТЕ ДВЕ ДЕЛНИЦИ ОД КУМАНОВО ДО БЕЉАКОВЦЕ, ДО КРАЈОТ НА 2027 ГОДИНА ЌЕ ИМАМЕ ГОТОВА ПРУГА ДО БУГАРИЈА

0
513

На 29 октомври оваа година официјално ќе биде означен почетокот на изградбата на првите две делници од пругата на Коридорот 8 – од Куманово до Бељаковце и од Бељковце до Крива Паланка, а работите треба да се финализираат до крајот на 2025 година, за што се обезбедени сите потребни средства и е завршена експропријацијата на земјиштето.

Како што информира на денешната средба со новинарите директорот на „ЖРСМ Инфраструктура”, Хари Локвенец, делницата од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, ќе ја гради конзорциумот „Штрабак”, сочинет од компании од повеќе држави. Проектното време за оваа делница е определено на 24 месеци, меѓутоа, посочува тој, од самата компанија има најава дека би завршиле со работа во рок од 18 месеци. Вториот дел ќе го работи турската компанија „Ѓулермак” и проектното време за изведба на овој проект е предвидено да биде во рок од 36 месеци. Двете компании работите на терен ќе ги започнат на 18 октомври.

– Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата до Република Бугарија, до Крива Паланка, рече Локвенец, при што дополни дека 54 проценти од првата делница е веќе изградена.

Што се однесува до третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, директорот информира дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот да биде завршен до крајот на следната година, кога би требало да биде означен и почетокот на изградбата.