Пред македонскиот конзулат во канадскиот град Торонто се собраа околу 75 Македонци кои што упатија протест за состојбите во нивната матична држава Македонија.
Со пораките испратени од собирот беше побарано прочистување на избирачкиот список, избалансирано известување од националната МРТВ и другите медиуми со национална концесија.
Беше искажана и поддршка за СЈО, со барање за формирање специјален суд кој што ќе обезбеди правично судење за сите обвинети.
Најважното барање беше формирање на преодна, техничка влада која што ќе обезбеди услови и ќе спроведе слободни, фер и демократски избори.
За време на собирот кој што траеше близу два часа, едни луѓе доаѓаа, други си заминуваа, но за цело време преовладуваше прекрасна атмосфера. Присутните не го криеа оптимизмот дека состојбите во Македонија ќе се нормализираат и дека правдата ќе ги стигне сите оние кои што направиле криминал.
Пријатно изненадување беше тоа што меѓу присутните имаше и многу членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои што не се согласуваат со политиката на актуелното раководство на нивната партија.
Беа присутни луѓе од неколку градови во провинцијата Онтарио, а имаше гости и од американскиот град Детроит. Тие беа дојдени специјално за овој настан, без оглед што во двете насоки мораше да поминат над 800 км.