Меѓународната кризна група ја стави Македонија на списокот на кризни земји, во друштво со Авганистан, Бангладеш, Гамбија, Ирак, Нагорно-Карабах (Азербејџан), Република Конго и Сирија

0
1046

Меѓународната кризна група (ИЦГ) на својата најнова листа ја стави Македонија во групата на меѓу земји каде состојбата се влошува. Македонија е во друштво со Авганистан, Бангладеш, Гамбија, Ирак, Нагорно-Карабах (Азербејџан), Република Конго и Сирија, земји кои постојано се на раб на некаков конфликт.

Според ИЦГ, политичката криза во Македонија е влошена, што предизвика масовна домашна и меѓународна критика и повеќедневни протести. Се посочуваат настаните во текот на април, од најавата на СДСМ дека ќе ги бојкотира изборите на 5 јуни затоа што не се исполнети реформите на медиумите и прочистувањето на изборниот список, преку аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов на политичари под кривична истрага за криминал произлезен од аферата со прислушувањето и попречување на работата на Специјалното обвинителство, па протестите, смртта на сведокот на СЈО Коста Крпач кој беше најден дома застрелан во гради на 27 април, па се до последниот извештај  на Фридом хаус, според кој Македонија е оквалификувана како „неслободна земја“ во врска со слободата на медиумите.

Меѓународната кризна група најновиот список на кризни жаришта го објави вчера на својот веб сајт.

Меѓународната кризна група е влијателна независна, непрофитна, невладина организација посветена на разрешување смртоносни конфликти, со екипи на 5 континенти. ИЦГ има канцеларии во Брисел, Вашингтон, Њујорк и Пекинг и пристап и влијание врз највисоките нивоа на владите на САД и ЕУ, како и во ОН, ЕУ и НАТО.