ФОН ДЕР ЛАЈЕН ВО СКОПЈЕ : РЕФОРМИТЕ ГО ТРАСИРААТ ПАТОТ КОН ЕУ

0
338

Она што во јавноста повеќе привлече внимание, е нејзиното нагласување на идентитетската посебност„Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик“, напиша фон дер Лајен на платформата Икс.Од Кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата било разговарано за процесот на пристапните преговори на земјата за членство во ЕУ, за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за состојбите во регионот.

„Беа разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите. На средбата беше разговарано за претстојниот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбата беа разменети мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава“, беше наведено во соопштението.

„Ќе отвориме важни прашања“Повеќе детали се очекуваат по разговорите денеска (30.10). По свечената церемонија со која премиерот Димитар Ковачевски ја дочекува претседателката на ЕК, следи билатерален состанок на двете делегации и заедничка прес-конференција. Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој синоќа на Меѓународниот аеродром Скопје ја пречека претседателката на ЕК, најави дека денеска очекува плодна дискусија фокусирана на следните чекори и планови за брз напредок кон полноправно членство во ЕУ.

„Имаме важни прашања кои треба да ги отвориме за реформите и обврските пред завршувањето на скрининг процесот и пред објавата на годишниот Извештај за напредокот за 2023 година“, најави Маричиќ.Тој уште минатата недела рече дека се очекува Фон дер Лајен да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8-ми ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан.

„Тоа е еден план којшто ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји уште пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето во ЕУ“, рече Маричиќ.

Планот за раст за Западен Балкан има четири столба – интеграција во единствениот пазар, подлабока регионална економска соработка, забрзување на фундаменталните реформи и поголема претпристапна финансиска поддршка.

Во посета на компанијаПосетата се оценува како позитивен сигнал за европската перспектива на регионот, а Фон дер Лајен изрази задоволство што нејзината посета на Западен Балкан ја почнува во Скопје. Секретаријатот за европски прашања соопшти дека пред да го продолжи патот во Приштина, таа заедно со премиерот Ковачевски, вицепремиерот Маричиќ и евроамбасадорот Гир, ќе го посети индустрискиот капацитет „Џанвики“ ДОО. Името на оваа компанија од скопското село Петровец го привлече вниманието кога лани септември доби 2,2 милиони евра од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, односно од ИПАРД програмата.

Компанијата се занимава со производство, преработка и трговија на овошје и на зеленчук. Опремата што е финансирана со ИПАРД програмата се однесува за изградба на нејзиниот индустриски објект за преработка на зеленчук и овошје, линија за пакување полнети пиперчиња (6000 тегли/h), машина за мелење, електомеханички лифт, палетизер, автоматски запечатувач на садови, како и за изработка на основниот проект (за објектот од 5.035 квадратни метри), на проектот за партерно уредување (на 12,340 квадратни метри) и за надзор при извршување на градежни работи. На веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, „Џанвики“ ДОО е сместена во категоријата „успешни корисници“ на ИПАРД.

„Ова ќе биде можност да се разговара за билатералната соработка, а особено на регионалните лидери подетално да им се претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан“, соопшти Европската комисија.Претседателката на ЕК денеска ќе отпатува за Приштина, каде ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, а утре следи посета на Подгорица и средба со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и со премиерот во технички мандат Дритан Абазовиќ. Во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ, а во среда со членовите на Претседателството на БиХ и со претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто.